Во текот на вчерашниот ден Државен инспектор за животна средина -Канцеларија Струмица извршил втор вонреден инспекциски надзор на браната Мантово.
„ Под круната на браната Мантово, до камењата и на камењата на повеќе места имало поинтензивно сино обојување, отколку на 28 декември кога беше извршен првиот вонреден инспекциски надзор на истата локација, а на другите места на брана Мантово состојбата е иста како на првиот увид“ информираат од Државниот инспекторат по извршениот втор инспекциски надзор.
„БОРОВ ДОЛ ДОО Радовиш на 29 декември за утврдување на квалитетот на водата во Брана Мантово, со помош на лаборанти од акредитирана лабораторија за животна средина Технолаб ДОО, Скопје во присуство на државниот инспектор за животна средина изврши земање мостри од водите на брана Мантово од пет мерни места заради понатамошно лабораториско испитување на квалитетот на водата. Од брана Мантово земена е мостра камен врз кој има наталожено сини и зелени честички. Оваа мостра од страна на БОРОВ ДОЛ ДОО Радовиш ќе биде предадена на испитување кај професорот Борис .Крстев од УГД Штип, Факултет за природни и технички науки,“ се вели во соопштението од државниот инспекторат.
Се задолжува правниот субјект БОРОВ ДОЛ ДОО Радовиш до Државниот инспекторат за животна средина да ги достави резултатите од извршените мерења на квалитетот на водата од Брана Мантово, во рок од 10 дена.
Исто така до Државен инспекторат за животна средина да ги достави резултатите од земената мостра камен врз кој има наталожено сини и зелени честички, во рок од 30 дена.
На почетокот на оваа недела ГЗ Здрава Котлина објави фотографии на кои се гледа загадувањето на езерото предизвикано од рудникот Боров Дол. Фотографиите предизвикаа реакции во јавноста а на терен излегоа стручни тимови и од рудникот како и од Државниот инспекторат за животна средина, кои направија увид на лице место на 28 и 29 декември. Се чекаат резултатите од земените примероци, за утврдување на фактичката состојба.
Со соопштение на 28 декември се огласија и од рудникот Боров Дол во кое информираа дека се земени примероци од водата и почвата со цел проценување на присуството на потенцијалните штетни хемикали, како и одредување на видот на истите.
„За целосно запознавање на јавноста и засегнатите страни, рудникот за бакар Боров Дол работи во согласност со утврдените норми и стандарди од системот за заштита на животната средина според А-Интегрирана еколошка дозвола, во која што се вклучени условите за работа, задолженијата, мерките и активностите кои што треба да земат предвид за заштита на животната средина. Воедно, редовно ги следи влијанијата врз животната средина и извештаите ги доставува до надлежните институции,“ се вели во соопштението од рудникот Боров Дол.
фото-Државен инспекторат за животна средина(архива)