Две советнички во штипскиот Совет не ја потпишуваат свечената изјава со „Северна“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/21 2:28 PM

Две советнички во штипскиот Совет не ја потпишуваат свечената изјава со „Северна“

Инспекторатот за животна средина им нареди на членовите на Советот на Општина Штип, кои ја немаат потпишано, да ја потпишат и со тоа да се вклучат во неговата работа. Советниците на коалицијата предводена од СДСМ денеска ги потпиша свечените изјави, но советничката од Левица Сенада Ибраимова, одби да го стави својот потпис под изјавата каде стои уставното име на државата – Република Северна Македонија. На говорницата Ибраимова изјави дека е познат ставот на Левица, додека искажа противење на решението на Инспекторатот за локална самоуправа, бидејќи како што рече, овој Инспекторат „не е надлежен за свечените изјави и ќе сноси последици по промената на власта“.

Изјавата со Северна ја нема потпишано и советничката Лидија Горачинова од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, која денеска не беше присутна на шестата седница.


Тоа што две советнички кои во изминатите пет седници гласаа без потпишување на изјавите со уставното име, како и одлуките донесени во време кога изјавите на членовите од ВМРО ДПМНЕ беа потпишани со старото уставно име, за советниците од коалицијата на СДСМ е дискутабилно и ја доведува во прашање легитимноста на сите до сега донесени одлуки.
Координаторката на советничката група Маријана Поповска – Рогожарска рече дека чекаат одговор на иницијативата за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуките од седницата што ја поднеле до Инспекторатот.


-Баравме произнесување за сите одлуки на Втората и Третата седница на Советот, бидејќи со решението од Инспекторатот беше констатирано дека треба да бидат отстранети недостатоците од во делот на уставното име, изборот на претседател на Советот, верификационата комисија и сите одлуки од Првата седница. Ако овие одлуки од Првата седница се неуставни, останува прашањето што со одлуките од Втората и Третата и побаравме одговор, изјави Поповска – Рогожарска.
И по еден месец, нема одговор од Инспекторатот, по што оваа советничка група преку ургенција ќе бара одговори. Како што најавија, само поради важните точки од интерес на граѓаните, вклучувајќи го и донесувањето на новиот општински буџет за 2022 година, се враќаат во работата на Советот по цели два месеци. Општината одговори со исплата на помал надоместок за овие советници, повикувајќи се на законските одредби.
Општина Штип е една од општините каде интервенираше Инспекторатот за локална самоуправа, откако дел од советниците одбија да потпишат свечени изјави под уставното име Република Северна Македонија.