Предновогодишната еуфорија можеби му недостасува на Куманово, но сообраќајниот хаос сигурно не.
Од утро до мрак, а особено во попладневните часови, сообраќајниците во градот се преполни со автомобили. Овој проблем е особено присутен последните неколку дена откако пристигнаа голем број македонски граѓани, кои работат во странство, но и голем дел од граѓаните се подготвуваат за празниците.
Низ улиците има и зголемено присуство на сообраќајната полиција, која се обидува да го контролира хаосот и да обезбеди непречен проток на возилата.
Од Секторот за внатрешни работи Куманово велат дека континуирано се преземаат мерки и се спроведуваат зајакнати акциски контроли за санкционирање на возила и возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
– Покрај дневните контроли за санкционирање возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената, кои управуваат со возило под дејство на алкохол или оние кои непрописно престигнуваат, се врши и снимање со т.н. „ноќен радар“ за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Меѓу другото, полициските службеници се распоредени на терен и согласно своите законски надлежности преземаат соодветни мерки доколку се случи сообраќаен метеж, велат од кумановската полиција.
Од СВР Куманово потсетуваат дека засилените контроли ќе продолжат и упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбдноста во сообраќајот.
Дека Куманово живее во сообраќаен хаос се сложува и градоначалникот Максим Димитриевски, кој вели дека овој проблем е рак рана на градот. Тој посочува дека Куманово има инфраструктура изградена кога градот имал 7.000 возила, а денеска има регистрирани 28.000.
– Во минатото не секој имаше возило, сега најмалку едно, а можеби и повеќе. Таа е сообраќајната инфраструктура не може да се смени преку ноќ. Дополнително се обидуваме таму каде што има простор да изградиме нови паркинг места, но за овој хаос голем удел имаат и лошите навики на сите нас што учествуваме во сообраќајот. Доколку не ги паркираме своите возила кај ќе стигнеме и многу повеќе се ориентираме на движење, особено оние кои живеат во централно градско подрачје и некористење на моторни возила, тогаш ќе имаме и помал сообраќаен метеж, вели градоначалникот.
Димитриевски потсетува дека 2022 година ќе биде година кога ќе се направат три кружни текови и две нови паркинг локации, што треба да допринесе за справување со сообраќајниот хаос.
Сепак и покрај сите напори на надлежните, забележливо е и „дивеење“ во првата можност кога полицијата не е на видик. Пред неколку дена во сообраќајна незгода беше оштетено дрво на улицата „Моша Пијаде“, а во друга трансформатор кај градскиот плоштад. Дрвото беше отстрането од ЈП „Чистота и зеленило“, но делови од искршено возило и трансформаторот сѐ уште се наоѓаат таму.
(Н.И.)