Европското првенство е поттик младите да се борат за националниот дрес, рече Кире Лазаров – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/21 2:28 PM

Европското првенство е поттик младите да се борат за националниот дрес, рече Кире Лазаров

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров е задоволен од победата (31:21) против Кувајт на првиот пријателски натпревар во подготовките за Европското првенство 2022. Сепак, на Лазаров не му е во прв план резултатот на подготвителните натпревари, туку поважно е како ќе се однесуваат неговите репрезентативци.

– Не ми е важен толку резултатот, колку што ми е важен пристапот на самиот натпревар. Тоа што го договаравме, тоа го спроведовме на самиот терен, мислам дека за нашите играчи ова ќе биде поттик за она што ни преостанува во следниот период, да работиме уште понапорно, да пробаме да ги задржиме добрите работи, а тука се и слабите работи во кои треба да се поправиме и да напредуваме. Не може да ме понесе никаква еуфорија, треба да бидеме цврсто на земја, знаеме што е пред нас, не можеме да го споредиме Кувајт со Словенија, Црна Гора и Данска, изјави Лазаров.

Македонскиот селектор апелира секој кој ќе добие шанса на теренот максимално да ја искористи со своето залагање.

– Радува пристапот и ангажираноста на тренинзите. Едно е клупа, друго е национален тим. И со националниот тим немате многу време, затоа имаме и четири контролни средби. Не сакам да се повторувам, имаме промена на генерација и морате на официјални мечеви да им се даде шанса на помладите, оние што заслужуваат и голем дел од нив ја искористија шансата. Ова е поттик да работат посветено, да се борат за националниот дрес. Треба да го заслужите националниот дрес, треба да заслужите настап на официјален натпревар, на големо натпреварување, порачува најдобриот македонски ракометар на сите времиња и актуелен предводник на „црвено-жолтите”.

Македонската селекција утре попладне во Маврово ќе одигра уште еден натпревар со репрезентацијата на Кувајт.

 

МИА