Сексуалните работници се „проститутки“, самохраните мајки се неспособни, сиромашните се сами криви за тоа-дискриминирачки содржини во учебник по социологија, КСЗД бара да се повлече – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/21 2:09 PM

Сексуалните работници се „проститутки“, самохраните мајки се неспособни, сиромашните се сами криви за тоа-дискриминирачки содржини во учебник по социологија, КСЗД бара да се повлече

Авторите на учебникот по Социологија за трета година реформирано гимназиско образование како и рецензентите, добија рок од 6 месеци да го повлечат и да ги ревидираат содржините на учебникот, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) констатира потежок облик на дискриминација. Бидејќи, учебникот како целина врши вознемирување кон ЛГБТИ луѓето, сиромашните, сексуалните работници и самохраните мајки, информираат од Коалицијата Маргини, што е резултат на нивната поднесена претставка до КСЗД.

Учебникот е подготвен од : авторите Кеснофон Угриновски и Трајан Крстевски, рецензентите Илија Ацевски, Момир Стаменковиќ и Зоран Петрушевски и Министерството за образование и наука, кое донело решение со кое се одобрува употребата на учебникот кој се користи повеќе години.

Во него се зборува за самохраните мајки како за кориснички на социјална помош, беспомошни родители и зависни од мажите и како неспособни да се грижат за децата без помош од државата. „Жените се опишани како „послаб пол“. Од друга страна, никаде во содржината не се зборува за самохрани татковци, што ја негира улогата на мажите во грижата на децата и се вели дека „постоењето на многу семејства без татко“ е причината која влијае на одлуката дали да се има или да се нема деца. Во учебникот нема ниту една слика на која е претставена единствено жена, а низ содржината се споменати 119 мажи, наспроти 5 жени.

Во поглавјето посветено на сиромаштијата се изнесуваат застарени и отфрлени теории за сиромаштијата, кои ги дехуманизираат сиромашните, генерираат омраза, предрасуди и неразбирање на нивните социјални проблеми. Се афирмира ставот дека „сиромаштијата е избор и претставува култура на живеење, а дека сиромашните се самите криви за состојбата во која се наоѓаат“. Тука сиромаштијата се асоцира со „слободни врски или диви бракови, напуштање на децата и жените“.  Според авторите, функцијата на сиромаштија е да обезбеди некој да ги работи „најнечесните и најопасните работи“.

Сексуалната работа е изедначена со криминал, а сексуалните работници се ословени како „проститутки“. Ваквото претставување е вознемирувачко и ги афирмира стереотипите за сексуалните работници како криминалци, неморални и општествено непожелни.

Хомосексуалноста е прикажана само на сексуални односи меѓу две лица од ист пол, што претставува застарена дефиниција. Текстот пропагира дека парадите на Гордоста предизвикуваат реакции кај одредени кругови и се сметаат за непристојни во општеството“, велат од КСЗД.

„Во само еден дел од лекцијата „Општествена конструкција на родовите“ „личностите кои имаат двополовост се наречени хермафродити“, што е застарен и вознемирувачки термин, кој е одамна заменет со интерсекс луѓе. Трансродовите лица се дефинирани како „ни мажи ни жени“, како „мажи заробени во женски тела“ или „жените кои се заробени во машки тела [и кои] ја прифатиле родовата улога определена за мажите, но се чувствуваат како жени“, што е сосема погрешно сфаќање на трансродовото искуство.

КСЗД препорача: (1) МОН најдоцна во рок од 6 месеци да го повлече од употреба учебникот и во иднина да не одобрува употреба на учебници чија содржина врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло, припадност на маргинализирана група или која било друга дискриминаторска основа од ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори; (2) авторите најдоцна во рок од 6 месеци да извршат ревизија на спорните делови од учебникот и да ги отстранат содржините со кои се врши вознемирување врз секоја од погоре наведените основи; и (3) рецензентите во иднина да не одобруваат употреба на учебници, чијашто содржина врши вознемирување врз дадените основи согласно ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори.

„Доколку субјектите не постапат по Мислењето, Комисијата има законска надлежност да поднесе Барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, согласно Член 27, став 4 од ЗСЗД“, информираат од КСЗД.

М.Т.