Од 18 часот бесплатен јавен превоз за сите граѓани – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/21 7:03 PM

Од 18 часот бесплатен јавен превоз за сите граѓани

Од денеска (27 декември), од 18 часот, користењето на јавниот превоз ќе биде бесплатно за сите граѓани. Тоа е една од пакетот мерки на Град Скопје од прв степен, поради загадувањето на воздухот. Превозот ќе биде бесплатен се до наредните препораки, информираа од ЈСП Скопје.

По добиеното известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, квалитетот на воздухот два дена е надминат над законски пропишаниот минимум, информираа Град Скопје, при што за таа цел, прогласени се неколку мерки од прв степен меѓу кои и бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните сопственици.

Освен бесплатниот јавен превоз, мерките и препораките на Град Скопје се и јакнење на инспекциските надзори, да се ограничуваат градежните работи и дае се воведе посилна контрола на градилиштата, автошколите да имаат обуки од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се одложат или откажат јавни настани на отворено и друго.

„Итните мерки се за намалување на загадувањето на воздухот и се согласно Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје кој е донесен од Советот на Град Скопје. Овие мерки ќе бидат во сила се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар“, соопштија од Градот.