„Кристализираниот мед не е фалсификат, на луѓето им треба едукација“ – Три генерации од семејството Адеми од Биковиќ се медари – ММС
ММС

Објавено на: 01/3/22 11:33 AM

„Кристализираниот мед не е фалсификат, на луѓето им треба едукација“ – Три генерации од семејството Адеми од Биковиќ се медари

Ако работиш има работа, не можат да те спречат ниту климатските промени, ниту малиот и сиромашен пазар,ниту, пак, фалсификуваните производи.

Ова е девизата на пчеларското семејство Адеми од село Буковиќ, Општина Сарај, кое веќе петта децениија се занимава со пчеларство. Нивната истрајност во оваа благородна професија, како што многу луѓе ја нарекуваат, довело до тоа Адеми сега да поседува над 2500 сандаци со пчели. Велат веќе три генерации се занимаваат со оваа дејност.

-Со ова се занимаваме професионално, произведуваме мед, прополис, матична млеч и се е на природна база. Од татко ми сум го наследил занаетот, тој беше голем љубител на пчелите, а сега и ние, па и нашите деца со ова се занимаваат. Немало толку пчелари кога сме почнале со ова да се занимаваме. Мојот татко најпрвин купил три сандаци со пчели, па потоа уште три и така етапно се проширил капацитетот. Сега е се полесно, затоа што се е организирано, си течат работите, имам муштерии за пласман, раскажува Џемил Адеми, кој екипата на ММС го затекна како продава мед, во близина на тетовското Арабати баба Теќе.

Сега, вели тој, за разлика од порано е многу полесно да се занимаваш со оваа дејност. Како и во сите гранки, така и тука модернизацијата го олеснува начинот на производство. Не се согласува со голем број медари, дека сега не може да се произведе од едно пчелно семејство доволно количини мед. И квалитетот и квантитетот може да се постигнат, но потребно е работа. Пчелите, додава тој,  навистина сами го произведуваат медот, но човекот треба да биде постојано покрај нив и да ги носи на паша, што е основата да има мед со сите природни перфоманси.

-Сега полесно е со работа отколку порано. Има механизација, електрични центрифуги, не е како што беше се рачно. Сега се е како што треба, само треба работа. Се произведува мед, но највеќе зависи од пашата, има багремов мед, шумски мед, од даб медлика, ливадски. За да имате добар мед и квалитетен, а и да добиете во квантитет зависи од климата, но, треба и работа. Пчелата не треба да стои во место, треба да се сели од едно на друго место, да се оди на паша. На неколку места носиме по 100 до 150 сандаци. Носиме во Танушевци, во Патишка река, овде во тетовско се е блокирано преку лето. Големиот пчеларник ни е во Буковиќ и во Стримница, тетовско село, каде имам 500 сандаци. Сега преку зима на две места ги чуваме пчелите. Приносот зависи на кој крај си. Кога е многу ладно ти треба да спуштиш на пониско, за да добиеш нешто. Оваа година најголем приход од мед имаше од пониските места. Овде после јули месец почна да меди дабот и траеше до крај на август, а претходно во таа сезона ретко вадевме мед. Ова е променлива работа. Треба да внимаваш, да ја следиш состојбата, да проценуваш. Не е баш така, како што велат, со пчеларството има работа месец два и толку.Треба работа, ако сакаш да добиеш квалитетен мед, вели тој и додава:

– Ние на пример до ноември работевме оваа сезона, дека беше топло. Порано од едно место се вадеше поголеми количини мед, дека порано се работеше земјата. Се садеше сончоглед, повеќе се обработуваше земјата, се беше природа, но сега не е така и мора да ги носиш пчелите на паша. Има сега повеќе интерес од младите, заинтересирани за оваа дејснот, но тие мислат дека треба да купиш сандаци и да ги ставиш во двор и толку. Јас на секого кој сака и е заинтересиран за медарство, му кажувам дека не е само да земеш пчели и да ги чуваш во двор. Ние имаме работа од март до ноември. Преку ден и од сабајле, на пример, од девет часот кога ќе затопли времето кога е над 15 степени температурата ќе провериш дали има изгубено некоја матица, да се изврши контрола мора, тоа е најважно. Си има работа ако сакаш навистина да имаш мед, рече Адеми.

Тој не се пожали  ниту од пласманот, ниту од заканите од лажните пчелари кои произведуваат фалсификуван мед, но сепак смета дека народот не е доволно едуциран и треба поголема промоција на македонскиот мед, оти овој производ тоа го заслужува.

-Ние немаме никакви проблеми со пласманот, продаваме на Бит пазар и во Тетово. Со фалсификуваниот мед лично ние немаме проблем, затоа што нашите муштерии знаат од каде земаат мед. Морам да признаам дека малку промоција и реклама има на медот во Македонија. Порано на пример никој не знаеше што е прополис, сега малку по малку се запознаваат, особено преку интернет и бараат полен, прополис, матична млеч. Малку е мрдната работата, но тоа не е доволно. Немаат знаење генерално луѓето за мед, кога ќе му кристализира медот велат што е ова, тој мисли дека кристализираниот мед е фалсификат. Треба едукација. Има мед кристализиран со матична млеч и полен, тоа е многу здраво и за болести се користи. Но, штета голема криза е, па лугето се жалат дека е скап, ама ние немаме сметка поефтино да го даваме, додава Адеми.

Иако како што вели сега со модерната технологија се е полесно, тој и неговото семејство не се откажува и од производство на мед во кошница, каде пчелите го складираат медот преку цела сезона.Тука нема двоење и вадење на полен или прополис, пчелата по природен пат ги распоредува сите хранливи материии од природата, а медот е комбиниран. Поздраво вели од овој производ нема, но затоа и е поскап.

-Имам саќе во традиционална кошница, каде порано се произведувало мед. Тоа е мед од цела сезона. Започнува од мај месец, па се до октомври. Ги вадиме пчелите од кошницата, ги ставаме во сандак и тука имаш од кошницата чист мед од цела година. Таму нема делење на мед, тука е се комбинирано, како што го собрал багремовиот и ливадскиот се што собрале пчелите.Тука има прополис, полен. Не можеш да го двоиш, оти кошот е затворен стар систем, како што порано се произведувало мед. Нема садна основа, тука не се прави паша. Гледате како е медот некаде посветол, некаде потемен, како што била пашата како го собрал медот, така е и бојата. Сега се дели медот, се вади багремов, ливадски, а тука во кошница не може да се дели. Затоа цената е двојно  поспака. Ако кошот е дваесет килограми, цената е дваесет илјади. Ама тука е се респоредено како што треба, поленот и прополисот, природно се распоредува, додава тој.

Медарот Џемил речиси секоја година добива награда за најквалитетен мед. Годинава на меѓународниот фестивал за квалитет на медот, кој традиционално се одржува во Тетово во организација на Здружението Градот на пчелите, доби златен медал за квалитет на мед, каде се престави со ливадски и костенов мед.

Зоран Димовски