Во време на социјални мрежи и напредна технологија, последните години новата година се честита преку Фејсбук, по пораки, на Вибер. Ретко кој се јавува по телефон, а уште поретко се испраќаат честитки по пошта.
Тоа честитање не е искрено, вели Маре Билјановска од Битола, која ги прави најуникатните новогодишни картички. Секоја година, а веќе 15-тина години наназад, таа изработува персонализирани картички. А секоја е различна и ги испраќа до децата, но и до возрасните. Самиот момент кога ќе ја добијат картичката, нивната среќа, изненадување, е она што ја мотивира да продолжи со оваа веќе за неа традиција.
Вели, една честитка – една приказна, а досега не направила две исти картички.
„Сите се изработени од еко материјали, не употребувам хемикалии. Една картичка ја изработувам половина час, некогаш и еден час. Прво ја разработувам идејата, а ми помагаат и малите внучиња. Заинтересирани се многу, гледаат додека ги правам. Се внесувам длабоко во секоја картичка додека ја изработувам, ги правам со цело срце и душа.
Мене не ми претставува задоволство да се јавам на телефон или на фејсбук да честитам, не сакам да честитам на социјални мрежи. Мене ми е целта да му го видам изразот на оној кој ќе ја добие картичката, е тогаш навистина срцето ми е преполно со среќа. Јас кога ја правам картичката се сеќавам на поштарот кога го чекав во улицата дали ќе ми донесе честитка. Многу ми недостасува тоа време“, вели таа.
Иако многу пријателки ја убедуваат да ги прави картичките преку летото и потоа да ги продава пред Нова година, таа не сака ни да слушне за тоа.
„Не, тоа не ми претставува задоволство! Па колку пари ќе земам? Задоволство ми е да ги подарувам, а не да ги продавам“, вели Маре Билјановска, која својата креативност ја покажува и како претседател на огранокот на „Вешта жена“ во Битола.
Маја Богоевска