Коста Петров не е повеќе директор на Фондот за иновации, заминува и од СДСМ – ММС
ММС
Коста Петров

Објавено на: 12/23/21 1:35 PM

Коста Петров не е повеќе директор на Фондот за иновации, заминува и од СДСМ

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров, денеска преку Фејсбук потврди дека поднесува оставка од својата функции. Во објавата тој ги наведе резултатите од својата работа, изразувајќи благодарност до сите партнери, корисници, интернационални организации и членовите на Националниот стартап совет за безрезервната поддршка овие 14 месеци.

-Најголема благодарност до моите колеги од ФИТР за рекордните успеси во 2021 година. Заедно финализиравме 11 рекордни повици и поддржавме рекорден број на компании, ги направивме првите категоризирани инвестиции во земјоделски технологии и социјалното претприемништво, креиравме посебен инструмент за поддршка на дигитализацијата во јавните установи и инвестиравме во креирањето на првиот Дигитален AI асистент на Владата и дигитализација на картотеките на Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков… – напиша меѓудругото Коста Петров на Фејсбук.

Со оставката што ја доставил до Централниот одбор на СДСМ, како што пишува Петров, после две и пол години, и официјално го завршува политичкото патување.

„Уште еднаш огромна благодарност до сите за поддршката! Со оставката што денес ја доставив до Централниот одбор на СДСМ, после две и пол години, и официјално го завршувам ова мое политичко патување. Бескрајно сум благодарен за научените лекции. Време е за нови предизвици! Се гледаме на врвот!“ , додаде тој.