Здружението на новинари на Македонија и Лекарската комора потпишаа меморандум со кој се обврзуваат заеднички да работат на подигнување на нивото на соработка меѓу професиите кои ги застапуваат и унапредување на здравствената култура. Новинарите и лекарите ќе организираат заеднички настани заради едукација и подигнување на квалитетот на медиумското известувања од здравствената сфера. Соработката предвидува и заеднички настап пред надлежните институции и јавноста за побрзо носење на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник и новинар како и медиумски работник, ќе се смета за напад врз службено лице.
„На долг рок оваа соработка очекуваме да придонесе кон подобрување на комуникацијата, но и довербата помеѓу двете фели“, изјави Чадиковски, Претседател на ЗНМ.
Според претседателката на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, особено во периодот на пандемија новинарите и лекарите станаа жртви на физички и вербални напади. „Се обврзуваме заеднички да го трасираме патот за поблиска комуникација во секојдневните работни задач, навремена дистрибуција на точни информации до јавноста, а со тоа да придонесеме за унапредување на здравствената култура и заштита во земјата“, изјави Гривчева Старделова..