Дона, која е стоматолог по професија, на својот Фесбук профил го опиша хоророт низ кој поминала кога се породувала со нејзиното прво бебе. ММС ја контактираше Неделковска, која вели дека сега нема матка, но и да имала по таа траума што ја доживеала гинекологија во Тетово тешко дека ќе се одлучела за второ дете.
-Беше навистина тешко, животот ми висеше на конец. Ми требаше време да се соземам за да го кажам ова, ако не за друго, барем со ова да помогам на некој друг да не му се случи истото, да не ја преживее оваа голгота што ја преживеав јас. Тешко ми е многу, уште еднаш го преживувам тој стрес. А дали ќе тужам? Не знам. Немам довреба дека нешто би се решило и да тужам ама овие денови имам време за размислување. Можно е, вели Дона.
Дона не е првата која поминала голгода во македонското здравство, не само во Тетово и во други градови. Голгота поминувале и други идни мајки. Но, како што вели Дона, слично нешто доживеала и сестра и кога се породувала, во истата болница.
-Ова не е прво лошо искуство со тетовската гинекологија во моето семејство. И сестра ми помина лошо, но, ова моево не може да се раскаже. Кога сестра ми се породуваше беше критично со бебето и јас се чудам како после сето тоа јас се одлучив таму да се породувам. Ама матичниот ми ја препорача оваа докторка, имал доверба во неа и ете што се случи. И сега вистинска дијагноза нема, ме оставиле со внатрешно крварење. Јас многу сум крварела на породување и реално требале матката да ја извадат уште веднаш. Кога органот не престанува да крвари не може да се спаси. Тие ме сошиле, а крварењето продолжило и настанала некроза, од тоа зафатени цревата, па имав и преплет црева. Она што најмногу ме иритира е нејзиниот однос и чаевите што ми ги даваше. Ми дава цел литар чај да испијам. Бидејќи не можев, кога другиот ден дојде и кога виде дека не е испиен чајот уште и ме караше- како не ти е срам. Па уште и на мајка ми, кога после пет дена конечно ме пратија за Скоје, ѝ рекла – носете ја за Скопје и не ми ја враќајте, нема што да ѝ правам, вели разочарано Дона.
Според неа симптомите биле толку типични и препознатливи, што студентите ги учат во прва година на факултет, ама како што цели таа, тие изгледа сакале да не се дознае и затоа не ја пратиле веднаш во Скопје.
-А лекарката не е млада, со стаж е има искутво. Но, откако ова мене ми се случи отпосле дознав од други дека ова неа не и’ е прв пат. Само што јас доцна дознав. И други имале мака само не излегле јавно да кажат што се случува и се заташкало. Па мене ниеден документ не ми дадоа. Дури по еден месец кога со врски пратив луѓе да ја земаа отпусната листа. Се’ што се направи, се направи на мое барање, бидејќи во петте дена додека бев таму таа не дојде да ме види. Имаше сестри, болничари, други лекари, но не и таа. Само се допишувавме преку смс и вибер, да ме советува дека имам гастритис, да пијам чаеви и други глупости. Сабајлето, петтиот ден кога да ме носат за Скопје се појави, бидејќи имаа некој состанок. Катастрофа е бидејќи е лекар со стаж, а такви почетнички грешки направи. А операцијата во Скопје траеше многу покусо отколку породувањето, рече Дона за ММС.
По објавување на писмото на Неделковска во болницата во Теово е испратена инспекција. Побаравме и одговор од Гинеколошко-акушерското одделение во Клиничката болница во Тетово, од каде кусо ни рекоа:
-.Тоа е нејзино видување на нештата. Но, јас не би сакал да коментирам и се одземам од секаква изјава, затоа што не сум учествувал, ниту во првата ниту во втората операција. Би било непрофесионално што било да кажам, изјави кусо за ММС, Нагип Руфати, началник на гинеколошкото одделение при Клиничката болница Тетово.
А што на Дона Неделковска ѝ се случувало на први јули во болницата во Тетово, кога покрај уредна бременост очекувала да помине сѐ во ред и веднаш да го гушне синчето, прочитајте го нејзиниот статус, кој Дона го нарекла „Мојата приказна“.