„Здраво, во зградава ми смрди на риба“, “Јастребот на соседот ми ги изеде гулабите“, „Дојдете да го отстраните осилото во паркот“, се само дел од бизарните претставки кои секојдневно стигнуваат во Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство.
Еден од побизарните случаи е случајот со постара скопјанка која преку интернет нарачала машина за везење чии спецификации не соодвествувале со тоа што го порачала. Таа ја платила машината за везење 50 долари со картичка, но наместо машина и стигнало плико со две платнени маски во него.
Други граѓани се жалеле дека во влезот на зградата им смрди на риба, на некои луѓе бездомните кучиња гласно им лаеле и не можеле да спијат, а некои се исплашиле од осите во паркот.
-Жалба за лоша миризба во влез во станбена зграда во чија непосредна близина има ресторан или пржилница за риба, напад на јастреб и усмртување на јато гулаби кои ги чува подносителот на претставката, барање да се отстрани осило од јавна површина ( парк), лаење на бездомни кучиња, порачана машина за везење преку интернет чии карактеристики не соодветствуваат со она што е рекламирано, се дел од претставките кои се поднесуваат до АХВ, рекоа за ММС од Агенцијата за храна и ветеринарство.
До АХВ стигнуваат и прашања за квалитетот и здравствените придобивки од консумирање на одредени видови леб и бели печива, несоодветен квалитет на лебот: „Дали е здрав лебот Тонус?“, „Дали јачменот предизвикува алергија“?, „Лебот што го купив не е допечен“.
Од почетокот на годинава досега, во базата на податоци во Одделението за заштита на потрошувачите поднесени се 401 претставка. Од нив, основани биле 141, а неосновани 151.
– Поднесувањето на претставки, предлози, прашања и жалби од граѓаните до Агенцијата за храна и ветеринарство за прашања кои не се во надлежност на нашата институција најчесто се должи на нивната недоволна информираност за надлежностите на институциите во државава, додадоа од АХВ.
Останатиот број на претставки кои не се во групата на основани или неосновани, се во фаза на постапување, дел се отфрлени поради немање наведено доволно прецизни податоци за постапување по истите, или се препратени до надлежни институции за постапување по наводи кои не се во надлежност на Агенцијата.
Доколку поднесената претставка не е во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство истата се препраќа до надлежните институции/органи за постапување.
Најголемиот проблем на граѓаните е што не знаат кои се точно ингеренциите на Агенцијата за храна и ветеринарство, односно не знаат до кои институции треба да се обратат за комуналните проблеми во локалните самоуправи и државни инспекторати.
Орце Костов
фото: МИА, Freepik