Кога уметноста и желбата да се предадат на сопствената имагинација ги спојува децата, тогаш меѓу нив не постојат никакви граници, ниту верски, ниту етнички. Токму љубовта ги спои децата од Школата за цртање која два месеца се одржуваше во населбата Баир во Битола.
Целта на оваа школа со завршна изложба, беше да се интегрираат децата од различни националности кои живеат во населбата Баир, претежно ромска и македонска, во една заедничка активност преку која ќе се промовира креативноста, културата и заедничкиот живот во населбата.
Оваа школа покажа дека меѓу децата навистина има талентирани потенцијални уметници, единствено треба само да им се даде шанса. А токму тоа го покажаа и докажаа особено децата кои беа наградени и создадоа цртежи на кои им се воодушевуваа ликовните педагози кои ги оценуваа.
-Место времето да го минуваме допишувајќи се по телефон, одлучивме да го искористиме креативно со тоа што ќе можеме да научиме да цртаме, што ќе ни помогне и во совладувањето на наставните содржини по ликовно воспитание на училиште. Но, најважно е што се дружиме, велат децата кои беа дел од школата.
На изложбата цртежите и сликите на Давид Исов, беа избрани за најдобри.
„Цртањето мене ми е повеќе од хоби, бидејќи на тој начин се исполнувам себеси и сите мои емоции, мисли и идеи ги пренесувам на еден лист од блок. Поради тоа моите родители ме пријавија во школата за цртање во населба Баир. Времето поминато таму беше забавно, затоа што сите деца се дружевме заедно и учевме нови тактики на цртање. Кога дознав дека на изложбата на цртежите добив прво место, позитивно се изненадив и бев пресреќен дека баш мојот цртеж беше избран за најубав”, раскажува Давид за неговата љубов кон цртањето.
„Многу ми беше убаво во школата за цртање. Научив многу работи и убаво се дружевме со другите деца. Доколку повторно има ваква школа, би сакала пак да ја посетувам. Многу сум среќна што добив награда и што повторно ќе одам на часови кај наставничката Анкица. Се беше супер!”, рече Мила Секуловска која ја доби втората награда.
„Многу ми се допаѓа кога цртам. Цртањето ме прави среќен. Убаво се дружевме со сите деца. Би сакал да имаме повеќе вакви дружби и многу вакви изложби. Сите деца беа среќни. Наставничката Анкица беше супер. Беше многу забавно. Многу сум среќен за наградата”, пресреќен беше Ален Ахмедов за третата награда.
Иако во прво време планирано беше да вклучат само 10 деца, интересот во заедницата бил многу голем, па затоа на крајот вклучени беа над 25 деца.
Академската сликарка Анкица Стевановска, која ја водеше школата, вели дека родителите раскажувале како децата биле пресреќни кога ќе се вратат дома.
„Секое дете во себе има талент, но најважен е моментот колку детето има желба да го развие талентот, колку има мотивација неуморно да работи на тоа, колку има поддршка од околината и правилна насока од наставникот. На овие работилници запознав многу талентирани деца кои сум сигурна дека еден ден ќе станат ликовни уметници. Јас им пружам бескрајна поддршка во остварување на нивните цели.
Најинтересна случка беше тоа што секој нареден час по уметност пред училницата ме чекаа нови 10 деца кои сакаа да научат да цртаат. Јас бев пресреќна што секој нареден час бројот на деца се зголемуваше, дури примивме повеќе од предвиденото. Апелирам, да се организираат што повеќе вакви работилници. На децата им е потребна духовна храна, уметност, изразување на креативноста, интеракција со своите врсници, друштвени активности“, вели Стевановска.
И покрај искуството со работа со деца од различна социјална и етничка категорија, имала очекувања, но овие деца ги надминале тие очекувања во позитивна смисла.
„Сите деца се жедни за знаење и освојување на нови походи во животот, а задача на педагогот е да ги инспирира и мотивира во нивните пориви. Методологијата во процесот на едукацијата ни дава насока за техниките во работата, а јас како наставник индивидуално го моделирам секое свое предавање, секогаш водена од љубовта кон децата, нивната желба за внимание и трпение.
На изложбата имаше 45 слики направени од децата со различна тематика и во различна техника акрил на канвас панел и околу 80 цртежи со различни цртачки материјали.
Маја Богоевска