„Ми треба кредит од 1.000 евра за да ќарам попуст од 1.000 денари за патарина“- Зошто плаќаме најскапи патарини на Балканот,а имаме лоши патишта? – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/21 1:10 PM

„Ми треба кредит од 1.000 евра за да ќарам попуст од 1.000 денари за патарина“- Зошто плаќаме најскапи патарини на Балканот,а имаме лоши патишта?

Ако живеете во Гостивар, а сакате да одите на одмор во Грција, ќе платите 1.000 денари патарини за вкупно 460 километри во двата правци од автопатот до македонско-грчката граница и назад или 2,57 денари по километар автопат што Македонија ја прави земја со најскапи, но не и најдобри, патишта во Западен Балкан. Оној што со автомобил ќе вози од Табановце до граничниот премин Богородица ќе плати 760 денари во двата правци.

Како пример може да се земе соседна Србија која наплаќа патарина по истиот принцип на поминати километри. Од граничкиот премин Табановце-Прешево до српско-унгарската граница има 600 километри во еден правец или 1200 км вкупно. Минувањето низ оваа делница во Србија ќе ве чини 37 евра во двата правци или 1,75 денари по километар во категоријата за патнички автомобил што е многу поевтино отколку кај нас.

Возилата кои секојдневно ги користат автопатите како што се камионите, автобусите, автомобилите со кои се патува на работа или такси превозниците, плаќаат огромни суми за патарини на месечно ниво, а добиваат попуст само ако надополнат огромни парични суми на електронските картички.

Вредноста на бесконтактните М-карт изнесува 100 денари и минималниот износ на надополнување е 300 денари. Попуст за надополнување до 10.000 денари е 2% или максимални 200 денари, за надополнување до 10.001 до 50.000 денари имате попуст од 3% или 1.000 денари, пет отсто попуст (15.000 денари) се добива ако надополните сума од 50.001 до 300.000 денари, а за надополнета сума над 300.001 денари или над 5.000 евра добивате попуст од 7% или 21.000 денари (350 евра).

„Секој корисник на електронски уред со поминување на Наплатна Станица каде функционира електронската наплата на патарина користи попуст (освен во случај на надополнување од 300 денари за кое нема попуст), односно се наплаќа помала патарина согласно со наведените стапки погоре (цената на патарината согласно со категоријата на возилото, намалена за попустот кој е одобрен според висината на надополнувањето на електронскиот уред). Корисниците на електронските уреди кои секојдневно патуваат ги уживаат бенефитите од одобрени попусти, кои на подолг период секако имаат и одреден финансиски импакт“, рекоа за ММС од ЈПДП.

За да ги „уживате бенефитите од одобрените попусти кои на подолг период имаат и одреден финансиски импакт“, како што велат од ЈПДП, треба однапред да имате прилично висока сума за надополнување. Превозниците на патници и на стока секако ги имаат овие средства, но оние работници кои патуваат со автомобил од Тетово, Куманово или Велес кон Скопје и обратно, ќе треба да подигнат кредит за да добијат попуст од 1.000 денари.

– Патувам од Велес кон Скопје секој ден цела година. Патарината ме чини 85 евра месечно или 1.030 евра годишно. За да добијам попуст од 50-на евра, јас треба да надополнам максимални 1.030 евра. Па кој има толку пари однапред. Или да подигнам кредит со камата од седум посто за да добијам попуст од пет посто. Прескапи ни се патарините, а возиме по лоши автопати без осветлување кои немаат ниту лента за застанување. Небезбедни се и не се одржуваат. Во Бугарија можам да возам цел месец за 15 евра по сите нивни патишта, а тука со оваа сума не можам да извозам ниту една недела на релација Велес-Скопје-Велес – изјави вработен велешанец кој секојдневно заедно со пријатели патува на работа во главниот град.

Македонските граѓани освен патарина плаќаат и надоместок за јавни патишта за моторни возила, кој се плаќа при регистрација на возилата. Патарина се плаќа за користење на дел од пат, односно надоместок за употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (автопат), а надоместок за јавни патишта за моторни возила (патна такса) се плаќа за користење на сите патишта во државава. А ова значи дека на една делница на автопат и плаќате двојно на државата, еднаш на наплатна станица, еднаш при регистрација на возилото.

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за ММС објасни дека цените на патарините, односно висината и начинот на наплата на надоместок за употреба на пат ги одредува Владата со Одлука која ја регулира оваа давачка.

Надоместокот за патарина за поминат километар за возилата од прва категорија Б се зема како основна категорија.

„Износот на надоместокот за извозено растојание од еден километар (надоместок за поминат километар) за возилата од прва категорија Б (основна категорија), изнесува 2,5784 денари/километар по возило. Вкупното извозено растојание за кое се наплаќа патарина се пресметува со множење на надоместокот за поминат километар, со должината на делницата за која се врши наплата на патарина“, соопштија од ЈПДП.

 Висината на надоместокот за употреба на пат (патарина) за видовите на возила по категории се определува на начин што:

-за возилата од прва категорија А, износот на патарината за возилата од прва категорија Б се множи со коефициент 0,6,

- висината на патарината за возилата од прва категорија Б, (која се зема како основна категорија) се множи со коефициент 1,

-за возилата од втора категорија, износот на патарината за возилата од прва категорија Б се множи со коефициент 1,5,

- за возилата од трета категорија, износот на патарината за возилата од прва категорија Б се множи со коефициент 2,7 и

- за возилата од четврта категорија, износот на патарината за возилата од прва

категорија Б се множи со коефициент 4,0.

Од ЈПДП за ММС открија дека за 2020 година од патарини се остварени приходи од 33,85 милиони евра, додека од патна такса се остварени 28,6 милиони евра или нешто над 60 милиони евра вкупно кои треба да се користат за реконструкција на патиштата и одржување на инфраструктурата и патната сигнализација.

Но, на терен не е така. Најголем дел од знаците не се поставени на едно место, хоризонталната сигнализација на места е збунувачка и може да го збуни возачот, тревите околу коловозот не се искосени, малите камења од одроните најчесто возачите сами ги чистат, а оградите на автопатите или се украдени или се уништени, а претпријатието „Македонија пат“ нема поим за тоа затоа што ретко може да го начекате да работи на патот.

– Редовното одржување, во кое спаѓа и заштитната ограда, е во надлежност на Македонија пат, претпријатие кое има обврска да постапува и континуирано да ја заменува оштетената и најчесто нелегално отстранета оградна мрежа на автопатиштата. Што се однесува до кражбата на патна опрема, сметаме дека нелегалното отстранување на патната опрема треба да е третирано исто како и секоја друга нелегална активност од страна на релевантните институции“, рекоа оттаму.

Орце Костов