„Срцево ми е полно тага, не заслужувам да ме понижуваат“, низ солзи вели Атиџе, која е жртва на напади на Фејсбук – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/21 9:31 PM

„Срцево ми е полно тага, не заслужувам да ме понижуваат“, низ солзи вели Атиџе, која е жртва на напади на Фејсбук

Тажна сум, претажна, не можам да објаснам колку ми е срцето полно, вели низ солзи хероината Атиџе Муратова за ММС, разочарна од злобните коментари на Фејсбук.

Во телефонскиот разговор Атиџе вели дека блиски луѓе и кажувале оти на Фејсбук со погрдни зборови ја озборувале, но и дека не е прв пат да  пишуваат такви лоши работи за неа. Таа нема Фексбук профил, но нејзини блиски и читале какви гнасотии луѓето измислувале за неа, а потоа го пишувале и на лажни профили на социјалните мрежи со нејзина фотографија.

Ова се само дел од коментарите кои ја потресоа Атиџе

– Многу сум тажна. Седев на скалите  во куќата во Дорфулија и плачев. Размислувам се да оставам и куќа и покуќнина и да си се вратам во Бекирлија, каде до вчера живеев. Таму немав вода, немав струја, немав никакви услови за живот ниту соседи ама имав мир. Имам пчели, имам крава и куче и пеев. А овде? Овде плачам. Како е можно вака да се живее, вели Атиџе низ солзи.

Таа најмногу е разочарана од злобните луѓе кои  на Фејсбук ја озборувале како таа добила куќа, како добивала донации, а за последното патување во Истанбул имало и вулгарности.

Кој мене да ме заштити од злобните коментари и вулгарнистите, што ми е срам да ги изговороам, вели Атиџе

-Мене ми е срам да ги изговорам тие вулгарности кои ги напишале. Вистина се срамам. Ако ми требаше маж ќе си најдев, а не вака. Јас од никого никогаш ништо не сум побарала. Ниту донации барав. Да, ми се помогна за куќата, сите знаат каква беше и како изгледа сега. Ама ме озборуваат како да ми се дале милиони. Како да сум милионерка. .

 

 

Да имам пари и јас ќе помагам. Ама јас живеам со 5.000 денари месечо. Од тие пари плаќам сметки, купувам дрва, од тие пари се хранам и живеам. А ме понижуваат. Јас не го заслужувам тоа. Не заслужувам да ме понижуваат. Еве прашајте и колку сум добила од филмот, да не ме озборуваат само. Навистина не сум заработила милиони па да поминувам низ оваа голгота, вели тажно Атиџе и додава:

-Пари, пари, пари и само пари. Аман веќе од тие пари. Ќе оставам и куќа и се. Ако треба ќе ја вратам куќата на тие од филмот и ќе си се вратам во Бекирлија и аман веќе. Јас не сакам никого да навредам и молчев ама ова веќе не се трпи. Жива ме изедоа, ме сотреа од озборување, демек само ми се помагало. А ми кажале дека го злоупотребуваат моето име за да продаваат мед, дека многу луѓе лажејќи дека е мој медот заработуваат.

Ама јас сега што да правам? Кај да се обратам? Кому да се пожалам? Кој мене да ме заштити? Навистина не можам да издржам. Никогаш никого не сум навредила и не сакам така да прават со мене. Еден куп работи ми се припишуваат, а јас немам врска со тоа. Ќе си се вратам во Бекирлија, па дали ќе пеам, дали ќе играм, дали ќе се смеам, што ќе правам веќе си е моја работа.  Луѓето мислат дека јас милиони сум заработлила, па жива ќе ме изедат, а јас едвај куќата ја средив, а уште и штала на кравата не можам да си направам, вели разочарано Атиџе.

Атиџе не е единствената која трпи тортура на Социјалните мрежи, со ова се соочуваат многу луѓе речиси секојдневно. Таа вели дека блиски луге ја тешеле, да не им обрнува внимание на злобниците, кои се незадоволни од својот живот па им пречи туѓата среќа.

-Јас луѓето ги сакам, си живеам и со Македонци и со Турци. И никогаш никому не сум помислила лошо. Мојот живот го поминав во немаштија ама ниту им завидував на тие што имаат, ниту сум ги озборувала. И зошто јас сега да поминувам низ ова и да се чувствувам мизерно. Кому му пречам за да поминувам низ пекол, кога на сите од срце им посакувам само убавини. Господ ми е сведок дека е така, рече расплакано Атиџе.

(В.М.)