Без капка вода веќе четврти ден се делови од Тетово, по настанувањето на дефект на новата водоводна линија во месноста Лешница на Шар Планина. Граѓаните велат не е прв пат да останат без вода во време на пандемија, кога хигиената треба да биде на прво место.
-Ова е катастрофа, треба централните власти да го земат ова прашање во свои раце. Од ЈКП Тетово соопштија дека ќе има седумчасовни рестрицкии, но не се седум часа, цел ден немаме вода. Како ќе пуштиш машина за перење, како ќе измиеш садови, како ќе одржуваш лична хигиена, вели една жителка на Тетово.
Друг нејзин сограѓанин на шега ни изјави:
-Како нема вода, има вода во изобилство, но горе на Шар Планина, тука во градот нема.
И додека граѓаните со вода за пиење се снаоѓаат како знаат и умеат, претежно полнат резерви во шишиња и буриња, од ЈКП Тетово смируваат. Велат дека состојбата со водоснабдувањето ќе се стабилизира.
-Се работи за непристапен терен. Ни требаше ден до два да го откриеме дефектот, па потоа да направиме прооден пад за да го однесеме материјалот за санаиција, оти се работи за место со над половина метар снег. Денеска се носи материјалот и се очекува деновиве да се санира дефектот и граѓаните да имаат вода за пиење во текот на целиот ден, рече Љулзим Шаќири, од секцијата водовод и канализација при ЈКП Тетово.
Но санирањето на дефектот нема да го реши проблемот со водоснабдувањето на градот. Дефектите на новата водоводна линија во месноста Лешница на Шар Планина се честа појава.
-Има околу осум ризични точки на новиот водовод, но јас можам слободно да кажам дека целата водоводна линија во должина од 26 километри е во ризик од дефекти. Теренот е ризичен, но и непристапен, додека да се открие дефектот и додека се стигне таму со потребните материјали за санација, потребно е време, рече Шаќири.
Од Општина Тетово без одговор дали планираат да преземат некои превентивни чекори, за да се спречат дефектите на новата водоводна линија.
Поради дефектот на новиот, во функција е само стариот водовод, а активирани се и градските бунари. Моментално градот се снабдува со 200 литри вода во секунда, што не е доволно да се задоволат потребите на граѓаните.
(З.Д.)