Со празнична богослужба во Соборниот храм „Св.Никола“ во попладневните часови и доделување на орден и признанија по повод патронот на градот, на истото место, Штип го одбележа Св. Никола – заштитникот на градот.
Орденот „Свети Никола“ што општината го доделува секоја година на истакнати штипјани кои дале посебен придонес за развојот на градот и државата, годинава го доби кардиологот Сашко Кедев.
Орденот кој Кедев го добива по втор пат, првиот во 2010, му го врачи градоначалникот на градот, Иван Јорданов. Тој спомена дека освен што Сашко Кедев е доктор на медицински науки, специјалист кардиолог и член на МАНУ, тој ги има искачено сите највисоки континентални врвови, а го има освоено и највисокиот врв во светот, Монт Еверест.
Кедев во своето кратко обраќање се заблагодари за, како што рече, големата и важна емотивна награда и истакна дека му е исклучителна чест што го добива орденот „Свети Никола“.
– Можеби во предвечерието на големиот празник Св. Никола би било добро сите да се потсетиме на една од најголемите мудрости на нашите претци, кои викаат дека дрвото може да функционира и да преживее само од себе, но цветот не може да опстане без коренот. Нашиот корен е нешто што треба секогаш да го носиме во себе внатре, да бидеме свесни и да го пренесеме на идните генерации, рече Кедев.
Признанијата „Свети Никола“ годинава отидоа во рацете на олимпиецот Зоран Шоров, граѓанскиот активист за правата на децата со посебни потреби Зоран Мијалков, хуманитарецот Александар Ѓеоргиевски, младинскиот активист Дарко Тошиќ и компанијата „Аџико“.