Дневен центар за психо-социјална поддршка на децата заболени од малигни болести ќе биде отворен денеска на Универзитетската Клиника за детски болести.
Центарот „Собата на Жозеф”, се отвора на иницијатива на Здружението „Борка-за секој нов ден“ со цел да им се помогне на децата полесно да минат низ процесот на лекување на ракот, да се надмине стигмата дека ракот дека е неизлечива болест и да се овозможи психо-социјална помош и поддршка на децата заболени од малигни болести и нивните родители.
Во Центарот на децата заболени од рак и членовите од потесното семејство ќе им се овозможи, покрај другиот третман да имаат и пристап до семеен терапевт, кој ќе им понуди стручна помош која е клучен сегмент во лекувањето и евентуалното излекување на ова тешко заболување. Со оглед на тоа дека некои од децата престојуваат таму по неколку месеци, тие изостануваат од училишни обврски и многу тешко се враќаат на училишните обврски, бидејќи имаат големи пропусти. За да се надмине тој проблем, во Центарот ќе бидат ангажирани учителки, кои ќе им помагаат на децата во учењето, а тоа ќе им даде дополнителна надеж дека ќе оздрават и еден ден ќе се вратат во школските клупи заедно со своите дручарчиња. Во топол и чист амбиент, децата ќе имаат свое катче, каде волонтерите ќе организираат разни активности и игри со дечињата, со кои ќе им се отргне вниманието од разните испитувања, боцкања, болки и грижи додека престојуваат во болницата.
На отворањето на Центарот ќе се обратат претседателката на здружението „Борка“, Биба Додева, директорот на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ, а најавено е и обраќање на министерот за здравство Венко Филипче и на градоначалниците на Град Скопје и на Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ.