„Не ми е јасно како ќе преживееме“ – Нема да переме и готвиме од 14 до 16 часот, Владата се погласно размислува да ја укине дневната евтина тарифа – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/21 1:07 PM

„Не ми е јасно како ќе преживееме“ – Нема да переме и готвиме од 14 до 16 часот, Владата се погласно размислува да ја укине дневната евтина тарифа

Додека граѓаните се во исчекување какви ќе им бидат сметките за струја од јануари, поради поскапата струја за 13,6 отсто што ЕВН ќе ја купи од ЕСМ и допрва ќе се прават математики колку ќе биде крајниот процент на зголемување на сметките, во меѓувреме останува уште едно многу битно прашање.

Дали Владата ќе ја укине дневната, евтина тарифа на струјата, од 14 до 16 часот, а за спас на граѓаните ќе  воведе субвенции. Кај и да е, до крајот на годинава, одлуката треба да падне. Владата се уште е на „два ума“ и судбината на евтината струја е во рацете на политичарите.

Од Владата за ММС велат дека се уште нема конечна одлука и потсетуваат на последната изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши во врска со евтината тарифа. Тој изјави дека таа сигурно ќе остане и понатаму да важи преку ноќ (од 22 до 7 часот наутро).

Но, некако се поизвесно е дека нема да остане дневната евтина тарифа, бидејќи Бектеши рече: „Работиме на проширување на листата на корисници на ваучери за енергетска сиромаштија и во моментов се разгледуваат две опции. Да остане евтината тарифа во текот на денот од 14 до 16 часот или, пак, да се укине, а да ја зголемиме помошта за граѓаните за ранливите категории. Односно да донесеме промена на моделот на поддршка за енергетска сиромаштија со директен систем на ваучер, средства кои директно ќе ги трансферираме за потребите на домаќинствата за сметки за електрична енергија“.

фото : Freepick

Од Регулаторната комисија за енергетика за ММС велат дека досега немаат доставено официјално барање од некоја енергетска компанија за укинување на дневната евтина тарифа и дека таквата одлука претходно се разгледува и за неа се разговара на Владата.

Пред десетина години македонските граѓани имаа евтина дневна струја од 13 до 16 часот секој ден и од сабота од 22 часот до понеделник до 7 часот наутро.

Од 1 август 2012, во време на владата на ВМРО ДПМНЕ, се укина евтината струја од 13 до 16 часот, а се врати од октомври 2017, по доаѓањето на СДСМ на власт, но од 14 до 16 часот, како што е и моментално.

Објаснувањето на ВМРО за укинувањето на дневната тарифа беше дека тоа мора да се направи од економски причини, да се намали големата увозна зависност на скапа струја, односно дека ќе треба помалку да се увезува струја со што ќе се намалат трошоците на енергетските компании и системот ќе функционира.

На СДСМ, пак објаснувањето за враќањето на дневната евтина тарифа пред 4 години главно беше дека енергетските компании нема да имаат загуби и ќе си скратат некои трошоци, за сметка на евтината тарифа, како и декас повторното враќање е во интерес на заштита на стандардот на граѓаните. А, истата политичка структура сега размислува за повторно укинување на дневната евтина струја.

Последен пат струјата поскапе за 12,36 отсто од јули годинава, но за сметка на тоа, ДДВ од 18 отсто, со одлука на Владата, се намали на 5 отсто, така што не се одрази значително на сметките на граѓаните.

Цената на евтината дневна тарифа на струјата, не е за потценување. Со неа се заштедува значително. Евтината сега изнесува 3,36 денари за потрошен киловат-час, двојно пониско од скапата, која е 6,69 денари за квч. Тоа е посебно значајно за социјалните категории, пензионерите, невработените, но и за граѓаните со ниски плати (11.000 вработени се со минимална плата од 15.000 денари), најмногу ако кои се греат на струја.

„Евтината струја многу ми значи. Бидејќи сум пензионер, од 14 до 16 часот пуштам машина за перење, бојлер, готвам…а навечер ја вклучувам да грее термо печката. Месечно плаќам меѓу 4-5 илјади денари. Ако се укине дневната евтина струја, тоа ќе биде катастрофално за мене. Плус и струјата ќе поскапи од Нова година. Па, не ми е јасно како ќе преживеам со пензија од 12.000 денари“, вели В.П, од Скопје, која живее сама.

Маја Томиќ