Условна казна за агентот за недвижнини кој треба да им врати 48.000 евра на измамените граѓани – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/21 1:15 PM

Условна казна за агентот за недвижнини кој треба да им врати 48.000 евра на измамените граѓани

Осум месеци откако МИА го обелодени случајот во кој агент за недвижности оштети десет граѓани со измама при купопродажба на станови, во судница број осум во Основниот Кривичен суд – Скопје, денеска на обвинетиот му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда. Според пресудата, на обвинетот му се утврдува условна казна затвор во траење од две години, доколку за три месеци од правосилноста на пресудата не ги обесштети граѓаните и за време од пет години не стори ново кривично дело.

Согласно член 114 од Законот за кривична постапка, обвинетиот се задолжува да ја надомести штетата на оштетените во целост и да ја врати во рок од три месеци.

– Доколку и по утврдениот рок, обвинетиот не го врати останатиот дел, имате право да побарате отповикување на условната осуда каде што Кривичниот совет на Кривичниот суд ќе преземе мерки. Доколку не се врати штетата се отповикува условната осуда и обвинетиот заминува во затвор. Интенцијата е да ви ги врати парите, изјави судијката Ристеска.

Како олеснителни околности, пак, беше споменато дека Судот неизоставно ценел дека се работи за релативно зрела личност, родител на едно дете, со законска обврска да се грижи и издржува, дека тој го призна сторувањето на кривичното дело, изрази каење пред Судот, неговото коректно држење, надомест на дел од штетата, јавно извинување на оштетените во судница и ветувањето дека во рок од 90 дена ќе ја надомести во целост штетата како и фактот дека против него не се водат постапки за други кривични дела и дека тој не е осудуван од судот и не е во судир со законот.

Агентот за недвижности на претхоното рочиште ја призна вината за стореното кривично дело и обесштети 21 отсто од целосниот износ што го должи.

– Јавно се извинувам на оштетените во оваа судница, ова ќе ми биде многу добра поука како да постапувам во животот, изјави тогаш обвинетиот, додавајќи дека во рок од три месеци ќе ги врати целосно парите кои ги должи.

Оштетените побараа вкупно оштетно побарување од околу 48 илјади евра. Деветмина изјавија дека бараат кривичен прогон за обвинетиот, додека, еден остави Судот да одлучи.

Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за кривичното дело „измама”, бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.

МИА