Во Македонија најголем предизвик се човечките ресурси, a образованието мора да се прилагоди на потребите на реалниот сектор – вели генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/21 11:49 AM

Во Македонија најголем предизвик се човечките ресурси, a образованието мора да се прилагоди на потребите на реалниот сектор – вели генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов

Проблемот со македонските бизнисмени е малиот домашен пазар, истакна генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов. Неодлучувањето на македонските компании да направат чекори надвор од нашиот пазар, па дури и од регионот, вели доведува до лимитација на можностите. Преку едукација на кадарот, инвестиции во технологијата и еколошките зелени стандарди, компаниите стануваат поконкурентни и полесно може да комуницираат на пазарите.

– Мислам дека мора да се проба за да види секоја компанија до каде е и колку може да се носи со предизвиците на интернационалната конкуренција. Нормално тоа треба да оди чекор по чекор, прво дома,во регионот, па пошироко, вели Мукаетов.

Според него на земјава и требаат нови генерации со нови вештини кои ќе може да ги следат новите технолошки текови, а образовниот систем мора да се прилагоди на потребите на реалниот сектор.

– Ние на разни фронтови пробуваме да направиме нешто. Заедно со средното медицинско го формиравме првиот клас за дуално образование. Со неколку факултети имаме програма за практиканство, каде стотина студенти од трета и четврта година доаѓаат на пракса со ментори и по завршивање на факултетот продолжуваат со работа во нашата компанија. Ако мене ме прашате во Македонија во моментот апсолутно најголем предизвик се човечките ресурси и наш основен императив е градење на компанија на задоволни, посветени и мотивирани луѓе, вели Мукаетов.

Одоварајќи на прашање дали како голема компанија се соочуваат со проблеми како корупција, администрација и бирократија, Муакетов одговори дека немаат, но вели факт е дека администрацијата треба многу поревносно, побрзо и поефикасно да ги завршува своите обврски, затоа што секое губење време во лавиринтите на бирократијата за приватните компании значи и губење средства.

За него е смешна констатацијата дека бизнисмените се „кочничари“ на патот на земјава кон ЕУ, поради стравот од конкуренција.

– „Алкалоид“ над 65 отсто од своите пласмани ги реализира на странските пазари. Присутни сме во над 40 земји во светот и стварно не гледам логика дека би имале нешто против од еден таков аспект. Сметам дека секоја конкуренција е добредојдена и дај боже што побрзо да ги почнеме преговорите со еу и да го фатиме тој приклучок по сите основи, рече Муакетов.