Од стравот да не останеме без домашно производство на електрична енергија, државата и енергетските компании не обрнуваат доволно внимание на алтернативните решенија кои ќе придонесат да се намали шокот од енергетската криза која е најавена после Нова година.
Едно од тие решенија е иновативниот енергетски акумулатор на професорот иноватор од Кавадарци, Димитрија Ангелков. Иновативниот производ изработен од него и неговите ученици доби прва награда на последниот светски натпревар за иновации „Скилман 2021“ во Лисабон.
Во пресрет на енергетската криза, иновативната ветерница на професорот Ангелков и даде надеж на јавноста дека решенијата треба да ги бараме во домашната наука.
– На 17 ноември добивме прва награда на „Скилман“ за енергетскиот акумулатор. Тоа е уред кој целата механичка енергија од ветерницата ја претвора во топлина која потоа може да се користи за загревање на училниците. Наградата е за развој на етички вештини и пример како ученици можат да изградат такви системи и да ги искористат за да помогнат во оваа енергетска криза која што следи. Идејата беше самите да си помогнеме и тоа да бидеме одржливо. Македонија има 1400 сончеви часови и тоа е доволно во оние два-три месеци кога е студено да ги поминеме со ова решение. Ветерниците се од пластични цевки кои ги тестиравме и траат 3-4 години без да има физичка интервенција. Тоа е урбана вертикална ветерница. Намерно е така конструирана според барањата на Министерството за животна средина да не ги повредува птиците кои летаат околу неа. Брзината е 3-4 вртежи во секунда, ветерницата е висока само три метри, има мала ротација и издржлива е при најсилните ветрови – рече професорот Ангелков за ММС при нашата посета во неговата приватна работилница во Кавадарци.
Механички респиратор, паметни канти за отпадоци, интерактивни смарт табли за училиштата, енергетски акумулатори за греење… Ова се само мал дел од иновациите на Ангелков кој постојано измислува нешто понесен од практичните потреби на граѓаните и општеството.
Професорот по компјутерска техника во електро-машинското средно училиште „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци вели дека единствената цел му е тие да најдат што поширока примена во училиштата, медицинските центри и компаниите.
Тој почнал да иновира кога имал 15 години, а првиот проект му бил едноставна заштита за бојлер со хидрауличен вентил кој е врзан директно за грејачот. Нему му пречело тоа што луѓето заборавале да го исклучат бојлерот пред да влезат да се тушираат и што постои црна статистика со несреќи предизвикани од проблеми со бојлерите. Го решил проблемот така што со овој вентил ладната вода е сопрена и не може да циркулира сè додека не се исклучи бојлерот од контролната табла.
Државниот завод за индустриска сопственост му ја додели наградата Патент на годината за 2020 благодарение на „респираторната машина“ која била стара идеја, но успеал да ја доразвие откако почна пандемијата со ковид-19.
Но, бидејќи кај нас нема соодветна лабораторија за сертификација на патентот, професорот тоа ќе го стори во Љубљана, Словенија, каде што има таков институт.
– Потребен е сертификат од Словенија, од Институтот за сертификати и контрола и за 45.000 евра ќе може да се користи во сите амбулантни возила, болници и клиники. Со овие респиратори кои имам во моментов планирам да ги снабдам сите возила на Итната помош. Јас ги склопувам од постојни проверени делови кои се користат во индустриската автоматика. Оваа иновација значи поевтино производство на практично решение кое не прави шумови и не им пречи на пациентите – истакна професорот Ангелков.
Предноста на ова решение е што компресорот за воздух може да се намести во болнички подрум и компримираниот воздух да се однесе до секој болнички кревет.
Може да се користи во домашни услови, односно секој пациент може сам да си го намести без лекарска асистенција. Ангелков поставил еден респиратор во стоматолошката ординација на неговата сопруга.
Иноваторот секојдневно добива идеи и преку практични решенија се обидува да ги подобри образовниот процес и животната средина. Една од најнеобичните идеи му се локаторот за изгубени животни, иновацијата за користење пластика во асфалтната маса наместо битумен и паметните канти за селекција на отпад.
– Направивме над 45 смарт канти кои вршат автоматска селекција на отпадот. Последната канта освен што го селектира отпадот на лименки, стакло, пластика и хартија,, служи и за хранење на кучиња. Во Неготино изработивме паметна канта џубокс со автоматска селекција на отпад. Музика може да одберете од листата само ако ставите пластично шише. Машината го двои отпадот во посебни вреќи за пластика, стакло, хартија и метал – рече за ММС, Димитрија Ангелков.
Во последните две години тој е актуелен и со училишните интерактивни табли кои се уред со специфичен софтвер кој овозможува интерактивна работа за бреме на наставата и подеднакво вклучување на настаникот и ученикот во изучувањето на материјата.
Орце Костов
Фото и видео: Орце Костов