Олеснување: Нови капки за очи што би можеле да ги заменат очилата за читање – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/21 11:04 PM

Олеснување: Нови капки за очи што би можеле да ги заменат очилата за читање

Ново одобрените капки за очи кои се појавија на пазарот би можеле да го променат животот на милиони луѓе со заматен вид од близина предизвикан од возраста. Тоа е состојба која главно ги погодува луѓето на возраст од 40 и повеќе години.

Капките „Vuity“, одобрени од Управата за храна и лекови (ФДА), потенцијално би ги замениле очилата за читање а делуваат за околу 15 минути. Доволна е една капка во секоја и тоа би овозможило поостар вид за шест до 10 часа, наведува компанијата.
Тони Рајт, една од 750 учесници во клиничкото испитување за тестирање на лекот, рече дека и се допаѓа она што го видела.

„Тоа дефинитивно ги менува животите“, изјави Рајт за националниот дописник на CBS News, Џерики Данкан.

„Не би ми требале толку очила, особено кога работам на компјутер, кога секогаш морам да ги носам“, вели таа.

„Vuity“ се првите капки за очи одобрени од ФДА за третман на заматен вид за блиску предизвикана од стареење, позната и како пресбиопија.

Лекот, кој се издава на рецепт, ја користи природната способност на окото да ја намали големината на зеницата, рече д-р Џорџ Воринг, водечки истражувач на студијата.

„Намалувањето на големината на зеницата ја проширува длабочината на полето или длабочината на фокусот, што ви овозможува природно да се фокусирате на различни опсези“, рече тој.

Овие капки најдобро делуваат за луѓе на возраст меѓу 40 и 55 години, изјави портпаролот на компанијата.

Несаканите ефекти откриени во тримесечната студија вклучуваат главоболка и црвенило на очите, велат од компанијата.

„Ова е нешто што очекуваме да биде добро толерирано на долг рок, но ќе биде проценето и проучено во формално својство“, рече Воринг.

„Vuity“ во никој случај не е лек, а производителот предупредува дека капките не се користат при ноќно возење или при вршење активности во услови на слаба осветленост.

Капките се наменети за благи до умерени случаи и се помалку ефикасни по 65-тата година од животот, бидејќи очите стареат.

Оние кои ги користат може да имаат и привремени потешкотии при прилагодување на фокусот помеѓу блиските и далечните објекти.

Засега лекот не е покриен со осигурување. Лекарите кои разговараа за CBS News изјавија дека е малку веројатно дека некогаш осугурувањето тоа ќе го покрие, бидејќи тоа не е „медицински неопходно“, бидејќи очилата се сепак поевтина алтернатива.

За Рајт и милиони како неа, новиот лек е едноставно алтернативно решение – со очигледна предност.

Извор: rs.n1info.com

Фото: freepik.com