Се преполни речното корито на Брегалница во Делчево – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/21 12:19 PM

Се преполни речното корито на Брегалница во Делчево

Обилните дождови кои го зафатија Пијанечкиот регион, повторно го наполнија коритото на река Брегалница во централното градско подрачје, предизвикувајки поплави во Очипалско поле, дел од населбата Студена чешма каде се поплавени неколку штали и викендици. Еден од затекнатите граѓани кој утрово го следеше нивото на реката, информираше дека водата во големи бранови почнала да надоаѓа утрото во 3 часот.

„Водата надојде околу 3 часот, тогаш беше за 1 метар повисока од сега. За штети од она што можев да видам има во долните делови на реката,“ вели граѓанин на Делчево.

Друг постар жител на  градот додава дека ова е втор пат откако памети дека е вакво нивото. Може ќе намали, вели, но стравува дека би можело и да се зголеми поради најавите од снег.

Под вода, како што информираат и други жители, е и дел од месноста Црквенска Река, како и одредени места низводно од Брегалница. За поплави од надојдените води јавуваат и жители на селото Разловци, кои информираа дека дел од патниот правец кој води кон селото синоќа бил целосно под вода, додека од утрово состојбата се стабилизирала.

Поплави од синоќа до утрово се забележани и на повеќе места во беровско, каде меѓу поголемите проблеми кои ги создадоа обилните врнежи се паднати столбови и лошата состојба на патот Берово – Смојмирово и Мачево – Владимирово.

Освен надојдената река, во Делчевскиот регион проблеми прават и одроните. Откако синоќа не беше препорачливо движењето по магистралата А3 поради одрони, денес како што информира раководителот на подружницата на Македонија пат, Влатко Цоневски, делницата Делчево – М.Каменица – Кочани редовно се чисти од одрони, но, според него останува апелот да се вози внимателно на овој патен правец.

МИА

фото-prt sc