Не можеме со една одлука да ги избришиме урбанистичките планови, штетата ќе ја плати народот, рече Бочварски – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/21 2:14 PM

Не можеме со една одлука да ги избришиме урбанистичките планови, штетата ќе ја плати народот, рече Бочварски

Потребно е дополнително прецизирање на одредбите кои се однесуваат на постапките за изработка и донесување на урбанистички планови, но и да се зајакне транспарентноста и јавната контрола над работењето на органите и институции надлежни за оваа област.

На денешниот завршен настан од проектот „Проценка на ранливост од корупција во државните институции и власти за просторно планирање, урбанизам и градежништво”, беа презентирани наодите од спроведените истражувања. Настанот е спроведен од страна на Транспаренси Интернешнл-Македонија, а поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска во своето денешно обраќање посочи дека анализата ги идентификувала бројните состојби на дискрециони овластувања на локалната власт, недостигот на добро формулирани законски одредби, преклопување на законските одредби, различното толкување на некои од овие одредби, но и честото менување на законите, во што е содржан и ризикот од корупција и судир на интереси.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска констатираше дека

урбанизмот и градењето се долготрајни процеси и проблемот не можеме да го смениме со еден удар.

– Урбанистичките планови кои се носени пред десет или седум години во најголем дел се реализираат денеска, но тоа се политики од тогаш. Ризикот од долготрајните и штетни судски постапки кои би се појавиле ако сакаме со една одлука да го смениме тоа е огромен. Ќе има големи штети по буџетите на општините, а тоа ќе го платиме на крајот сите ние, народот. Со новиот Закон за урбанистичко планирање, нудиме транспарентност но потреба е вклученост на граѓаните – рече Бочварски.

Тој додаде дека денес не се изработуваат урбанистичките планови со избор на најниска цена. Ова, како што рече, е минато, бидејќи се применува тарифникот за изработка на урбанистички планови, каде се предвидува изработка на урбанистички план по утврдени цени дадени во тарифникот.

-Со новиот Закон за урбанистичко планирање имаме за цел да го унапредиме планирањето на просторот, и да го поттикнеме градежништвото. Во делот на изготвување на Закаонот, за првпат беа вклучени сите чинители во оваа област од државни институции, комори, граѓански здруженија, за да на крај по транспарентна постапка креираме нов, современ и стручен европски закон, со кој овозможивме просторен и економски развој на државата, рече Бочварски.

 

О.К.