„Ова е вест на годината“, вели Артан Груби задоволен од одлуката на судиите -Уставниот суд не поведе постапка за „Бехтел-Енка“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/21 10:11 PM

„Ова е вест на годината“, вели Артан Груби задоволен од одлуката на судиите -Уставниот суд не поведе постапка за „Бехтел-Енка“

Нема веќе правни пречки американско-турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“  да ги гради автопатите од Коридорите 8 и 10.

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за уставноста на специјалниот закон кој го изгласаа речиси сите пратеници во Собранието, со кој се овозможува на Конзорциумот без тендер во четири очи да склучи договор со Владата врз база на Мемоарндумот кој претходно беше склучен со неа,  без објаснувањ од министрите како е избран токму овој Конзорциум.

„Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола)“- соопштија од Уставен суд.

Иницијативата до Уставниот суд ја испрати Државната антикорупциска комисија, која оцени дека се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради преостанатите автопати од коридорите 8 и 10, а законското решение има правни празнини кои создаваат простор за субјективност, политичко влијание и тргување со моќ.

Исто, е нејасно колку пари би ја чинела државата изградбата на сите тие патишта. А за синдикатите спорно беше тоа што покрај тоа што за конзорциумот нема да важат домашните закони и тоа што се дозволува 60 часовна работна недела за работниците кои ќе работат на изградбата на автопатите.

Експертите за  јавните набавки веќе алармираа дека изборот на „Бехтел – Енка“ да ги гради автопатиштата има сличности како изборот на кинеската „Синохидро“ за градење на автопатот Кочево – Охирд, случај за кој им се суди на функционери од претходната власт.

За одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка денеска изрази задоволство првиот вицепремиер, Артан Груби на својот фејсбук профил. Груби треба да ги координира сите ајктивности околу потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“За него одлуката на Уставниот суд е вест на годината.

„Веста за потврдувањето на законот за изградба на Коридорот 8 од страна на Уставниот суд е вест на годината. Последната правна пречка која ја поттикна Антикорупциската комисија денеска падна и сега веќе нема правни пречки да се оствари сонот на нашите граѓани а тоа е поврзувањето со автопат од Ќафасан со Албанија до Блаце со Косово.“- напиша Груби.

Покрај многу невладини организации, со критика за одлуката на уставните судии се јави и Кристина Ампева од здружението „Гласерн текстилец“. Вели „ова е честитка од судиите за денот за борба против корупцијата. Зошто обва помина без никаква реакција“ прашува Ампева.

Таа најостро реагира што со овој специјален закон се дозволува 60 часовна работна недела за работниците кои ќе ги градат автопатите.

 

„Немаше тендер, една спорна работа. Денес судот дозволи 60 часовна работна недела за тие работници . Втора важна работа. Оние од ССМ гукнаа ли нешто? Или фотелјата мека е? Реформи во судството, работнички права, борба против корупција. Зошто народот немал доверба? Зошто сме лаеле? Па не верувал народот на партиите, на властите, па не верувал народот во правда, па си одел.  Море по ѓаволите да одите сите до еден што златна држава ја упропастивте! Ама не сте вие криви, него овој народ што секогаш ќути! Ене ги Србите, угледајте им се како се изборија. Абе резил сме. Сите до еден!“- напиша Ампева на Фејсбук.

Ниту пратениците ниту Претседателот Стево Пендаровски не го послушаа мислењето на Антикорупционерите, дека законот е правен преседан и дека не треба да се донесе. Законот експресно го донесе Собранието по скратена постапка, на предлог на група пратеници, а Указот  веднаш го потпиша Пендаровски.

Тој практично е   реализација на Меморандумот на Владата со конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој го избраа за стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар- Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан  како и Прилеп – Битола.

(А.С.)