„Прв пат се возев под земја, а не знаев дека сме биле и под вода“ – Како Атиџе го доживеа Истанбул, еден од најубавите градови во светот – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/21 7:14 PM

„Прв пат се возев под земја, а не знаев дека сме биле и под вода“ – Како Атиџе го доживеа Истанбул, еден од најубавите градови во светот

Еден од најубавите градови во светот, секако е Истанбул. Не постои човек кој еднаш го видел, а да не посакал да го шета уште еднаш, па уште еднаш и уште повеќе пати, бидејќи од еднаш не може да се види и доживее целата негова убавина.

Дека Истанбул е убавец овој пат потврди и хероината Атиџе, која пред неколку дена беше трет пат ама, како што вели, дури сега го доживеа градот вистински… Овој пат замина со Сузе Турунџиева, со која имаше вистинска можност да го прошета градот како што треба и да ги види сите негови можности и убавини.

-И благодарам на Сузе сега многу поминав. Јас сега бев по трет пат во Истанбул.  Прв пат бев во 1994 година со татко ми, на гости кај роднини, потоа за филмот „Медена земја“, но сега прв пат го прошетав, го видов Истанбул колку е голем и убав. Ја видов Капали чаршија, новата џамија, поминавме по еден голем мост, не сум го видела до сега, бевме од другата страна на мостот,  таму немав отидено, вели среќна Атиџе.

Иако е воодушевена од градот, таа вели дека не би можела да живее во толку голем град, бидејќи никого не познава.

-Не би живеелеа, никого не познавам, а и не сум навикнала да живеам во големи градови. Овде ми е убаво бидејќи сите ги познавам. Имам роднини во Истанбул ама веќе со помладите генерации не се познаваме, се оддалечивме и изгубивме контакти. Ама голем град е навистина, како живеат луѓето не знам. Кога се качивме на бродот најубаво ми беше.  Сум се возела јас на брод, на тие големите со автобус што се влегува во нив ама ова беше поинаку, вели Атиџе и додава:

-Човек се навикнува секаде да живее ама каде на овие години јас да одам. Не велам не, убав е Истанбул. Ама тука сум родена, тука навикната, си ги познавам луѓето.  Иако не се знае никогаш кај ќе те однесе животот. Па, јас  не сум се надевала некогаш дека ќе отидам во Холивуд, во Америка. Никогаш ама никогаш. Ама како Господ никој не е, само треба да веруваш, вели таа.

Атиџе вели дека досега Истанбул го прошетала и од небо и од вода и по земја, ама сега прв пат и под земја, во метро.

-Прв пат се возев под земја. Аии многу чудно. Јас искрено и не знаев кај одиме, некако ми бучеше, тоа, дека сме биле под вода.  Ама не се исплашив. Влегуваш надолу, па одиш под земја и од другата страна излегуваш над земја. Чудно, многу чудно ама навистина не се исплашив. Како рекол Господ така ќе биде, вели таа воодушевено.

Атиџе неколку пати до сега кажала дека пчелите ги сака најмногу, ги смета како свои деца. Дека тоа е обострано тоа уште еднаш го сфатила во Истанбул.

-Секаде кај што одев пчелите одеа по мене. Да се чудиш. Пчелка дури и ми се удави во кафето.  Ама такви се животинките, ако ги сакаш тие уште повеќе ќе те сакаат. А јас ги сакам пчелите, како мали деца ги сметам, вели весело Атиџе.

(В.М.)