Треба да ги охрабриме жртвите да го прекинат молкот, смета првата дама Елизабета Ѓоргиевска за родовото насилство – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/21 2:10 PM

Треба да ги охрабриме жртвите да го прекинат молкот, смета првата дама Елизабета Ѓоргиевска за родовото насилство

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, учествуваше на панел дискусијата „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените – Што ќе се промени во пристапот за спречување и заштита од насилство врз жените?” oрганизирана од Канцеларијата на УНФПА во Република Северна Македонија во соработка со Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Поздравувајќи го процесот на операционализација на Законот за спречување и заштита од насилство преку кој ќе се овозможи функционалност на услуги и механизми, кои ќе ја зајакнат поддршката за жртвите на насилство, сопругата на претседателот, истакна дека усвојувањето на Истанбулската конвенција ни даде широка рамка како држава да интервенираме во повеќе области, да носиме подобри законски решенија, да работиме на зајакнување на капацитетите на институциите и граѓанскиот сектор. Во таа насока потенцираше дека се неопходни интервенции на повеќе нивоа и во повеќе области со цел успешно справување со насилството врз жените.

„Справувањето со родово базираното насилството особено со насилството врз жените и девојките е потребно да биде наша секојдневна обврска и одговорност, затоа што не треба да останеме само на говорење, треба да дадеме поддршка, треба да ги охрабриме жртвите да го прекинат својот молк и да се спротивстават, затоа што излез секогаш има”, рече Ѓоргиевска, нагласувајќи ја потребата надлежните институции да бидат беспрекорно ефикасни во овозможувањето на превенцијата и заштитата.

Таа потенцираше дека на жртвите им е потребно охрабрување за да пријават и да знаат дека нема да се соочат со осудување и стигма. Особено важно е, додаде Ѓоргиевска, жртвите да имаат лесно достапни информации за сервисите за поддршка, доколку решат да го напуштат домот, или заедницата која е извор на насилството.

„Одговорност и навремено реагирање треба да се очекува и од правосудните органи кои треба да испорачаат правда за жртвите, како и од службите кои треба да обезбедат услуги за заштита и закрепнување на жртвите на насилство”, истакна Ѓоргиевска, заклучувајќи дека токму недовербата во институциите, срамот од осуда и стравот од реперкусии претставуваат главни причини за насилството врз жените.

О.К.

фото: Кабинет на претседател