Максимални трошоци при минимални плати. Така живеат над 100 илјади граѓани кои примаат минимална плата од 15.000 денари, пари со кои ни оддалеку не се крпи крај со крај во месецот.
Не менува многу ни ако имаат просечна плата од 28.869 денари или 469 евра, колку што пресмета Државниот завод за статистика за септември и која е за 5,3 отсто поголема од ланската истиот месец. Иако Владата се фали дека ја зголемува минималната плата, како и просечната на државно ниво, во трката меѓу платите и цените, постојано победуваат вториве.
Нема оптимизам кај граѓаните дека утре подобро ќе се живее. Ако пред една година со 1.000 денари можело да ја наполни кесата со намирници, сега за истите пари таа е до пола празна. Со секое одење во маркет цените се поголеми од претходниот пат, за 20, 30, 50 и повеќе отсто и допрва ќе растат со поскапувањето на струјата од наредната година, како што одамна најавија компаниите, поради зголемени трошоци.

„Ништо не ми значи одлуката на Влада за замрзнување на цените на некои прехранбени производи. Тоа е задоцнета реакција. Требаше да се случи пред повеќе од три месеци, ако мислеле на стандардот на граѓаните. Во септември беше ударното поскапување. А, платите никој не ги спомнува. Тие се „замрзнати“ со години, додека трошоците за живот секој месец растат. Само маслото од 60 денари отиде на 100 денари. Ништо не значи ни минимална плата од 15.000 денари. Ако е еден вработен во семејството, ќе трпат за леб “, вели В.Т од Скопје.
За храна и за пијалоци одат речиси 80 отсто од вредноста на минималната кошничка што секој месец ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македониј (ССМ).
Според неа, минималните трошоци за едно просечно четиричлено семејство во месец ноември годинава изнесуваат 34.893 денари, за 1.151 денар плус во споредба со истиот месец лани, кога минималната кошничка изнесувала 33.742 денари. Во ноември, пак, спредено со само еден месец претходно, октомври, основните трошоци на едно четиричлено семејство се зголемени за дури 1.189 денари. Од вкупната вредност на синдикалната кошничка (34.893 денари), за храна и пијалоци минимум биле потребни 15.000 денари, или 42,75 отсто, а за режиски трошоци 10.914 денари или 31,47 отсто.
Според кошничката за ноември, најмали трошоци одат за здравје (лекови) и за култура, 740 денари, односно, 1.067 денари.

„Никогаш немало ваков скок на вредноста на кошничката, за скоро 1.000 денари во споредба со пред една година. Обично разликата била пус-минус 200 до 300 денари месечно или годишно, a сега за само еден месец е зголемена за 320 денари. И уште повеќе ќе расте, како што тргнале цените“, велат од ССМ.
Дополнително ќе растат трошоците за сметки за струја, затоа што допрва следат зимските месеци односно грејната сезона само што започна .
ССМ веќе достави до Владата, односно до Економско социјалниот совет (ЕСС), барање минималецот во моментов да изнесува 18.000 денари, но се уште нема никаков одговор од социјалните партнери, поради што, меѓу другото, ССМ организира јавен протест на 12 декември.
Според претседателот на ССМ, Дарко Димовски, цените секојдневно растат како оправдание на компаниите за зголемени трошоци, но дали некого го загрижува дека и трошоците на вработените исто така растат, а платите не го следат тој тренд.
„Ние бараме од ЕСС да го прифати нашиот предлог за 18.000 денари минимална плата, што е 60 отсто од просечната во државава, и тој процент да расте, како што статистички растат платите и животните трошоци. Факт дека оваа плата од 18.000 ни оддалеку не ги покрива месечните трошоци на семејствата, па дури и ако работат двајца. Според нашите анализи, 110.000 вработени сега примаат минималец од 15.000 денари“, вели Димовски за ММС.
Дека платите вредат се помалку и дека има инфлација во државава потврдуваат статистичките податоци.

Според ДЗС, трошоците на живот (инфлација) во ноември 2021 година, во однос на ноември 2020 година, се поголеми за 4,8 отсто, а цените на мало бележат зголемување од 6,2 Отсто. Еден месец претходно, во октомври, инфлацијата изнесувала 4,1 отсто во споредба со истиот месец лани. Во номеври поскапело скоро се во однос на претходниот месец: лебот и житата за 3, отсто, прехранбените производи за 2,9 отсто, сирењето и урдата за 2,3 отсто, месото за 2,1 отсто, маслото и маснотиите за 1,9 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,8 отсто и друго. И во октомври, во споердба со септември, кај лебот и житата имало зголемување на цените од за 1,8 отсто, кај месото за 1,7 отсто, прехранбените производи за 1,2 отсто, а кај гасот за домаќинствата за 9,2 отсто.
Па, така, замрзнувањето на цените на нивото од 1 декември годинава, на лебот, шеќерот, брашно – тип 400, зејтинот, трајното млеко, свежото месо и сувомеснати производи, сирење и урда, како што одлучи Владата, а кое ќе трае до 31 јануари годинава, тешко дека ќе ни донесат подобра живејачка.
Маја Томиќ


