Место пенкала со циркони сега си купила „Касио“ часовници – АЕК за репрезентативен материјал потрошила 34.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/21 10:30 AM

Место пенкала со циркони сега си купила „Касио“ часовници – АЕК за репрезентативен материјал потрошила 34.000 евра

За Агенцијата за електронски комуникација како да нема корона-криза во земјава. За репрезентативен материјал потрошила неверојатни 34.000 евра. Покрај роковници, пенкала, чадори, ранци, годинава набавила и „Касио“ часовници.

АЕК го тресеше сканадал пред две години кога исто за репрезентативен материјал потроши околу 24.000 евра, а најскандалозно беше што тогаш купуваше пенкала со трага од циркони, кои во малопродажба чинеа и до 50 евра.

Тендерот годинава вреден 34.000 го добила фирмата „Скрин Принт“ од Скопје. АЕК според тендерската документација купила и десет „Касио“ часовници за кои ќе плати околу 30.000 денари.

Но, покрај овие часовници, АЕК набавило и 100 паметни  часовници, кои се поврзуваат со мобилниот апарат и мерат калории, чекори, пулс, притисок. За нив ќе плати околу 120.000 денари или околу 2.000 евра, бидејќи еден чини по 1.000 денари без ДДВ.

„Сваровски“ пенкалата кои ги бараше во набавката од 2019 година, сега се сменети со поефтини- по околу 400 денари за парче без ДДВ. Овие сега се  со УСБ меморија, а се набавуваат 250 пенкала. За нив исто ќе плати околу 120.000 денари, или 2.000 евра.

Потоа за 200 нотеси Портфоли, кои чинат по 620 денари за парче без ДДВ, АЕК ќе плати над 146.000 денари.

Во репрезентативниот материјал кој го набавува Агенцијата се и 200 ексклувизни ранци од еко кожа кои чинаст по 1.300 денари по ранец, а за нив АЕК ќе плати околу 300.000 денари или околу 5.000 евра. А речиси 1.000 евра за уште 100 корпоративни ранци. А нешто над 1.000 евра чинат и 100 парчиња безжични слушалки.

На списокот за репрезентација на АЕК се и разни други нотеси, тефтери, пенкала, чадори, УСБ-иња, екстерни батерии, помошни батерии, безжични полњачи за мобилни, држачи за мобилни, како и такви држачи за во автомобил,звучници чаши, маици, копчиња за кошули, еко торби, маски.

На целиот репрезентативен материјал, на секое парче треба ласерски да  е изгравирано логото на АЕК.

(А.С.)