Шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин го објасни Зелениот договор на Европската унија под чија закрила ќе биде и Северна Македонија, односно агендата за Западен Балкан.
Зелената агенда за Западен Балкан опфаќа пет големи теми. Првата е декарбонизацијата која опфаќа климатски промени, чиста енергија и паметен транспорт.
– За Северна Македонија најважно прашање е кои се алтернативните решенија затоа што мораме да ја намалиме зависноста од фосилните горива. А вашата земја е многу зависна од увозот на електрична енергија. Но, може да се фокусираме на соларната енергија затоа што ги имате сите предуслови – рече Худолин.
Втората тема е земјоделието односно одржливите системи за храна и руралните средини.Третата е решавањето на проблемот со загадувањето, односно како и каде да го адресираме загадувањето со нудење на системски решенија.
– Како што знаете Скопје е еден од најзагадените градови во светот. Ќе ни треба повеќе од електрични возила и тротинети. Ќе ни треба цел систем на мобилност кој ќе го офати јавниот транспорт и кој ќе понуди зелени решенија со цел луѓето да користат помалку возила – истакна претставникот на ЕУ.
Економијата е четврта тема, односно нејзиното движење и лимитирањето на ресурсите кои се при крај и мора да се сочуваат. Биодиверзитетот, односно природното богатство, неговата заштита и обновување на екосистемите, да се сочува тоа што го имаме, е петтата голема тема околу која ќе се движи Зелената агенда во Македонија, но и во Европската унија.
– Овие работи чинат, но мора да привлечеме приватни инвеститори. Парите не се проблем ако имате подготвен терен за инвестирање. Многу активности кои прават разлика, а не чинат ништо, може да се направат и во Македонија. Може да се смени закон, да се имплементира закон, јавните институции да покажат капацитет… Значи, да се почне, не чини ништо, да се заврши, чини многу. Ако се здружиме со економските оператори кои ќе имаат најголем интерес од ова, тогаш ќе можеме да го спроведеме договорот – додаде Худолин на новинарскиот брифинг.
Орце Костов