Се испитуваат два сомнителни смртни случаи за евентуална поврзаност со антиковид вакцините – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/21 12:49 PM

Се испитуваат два сомнителни смртни случаи за евентуална поврзаност со антиковид вакцините

Двајца починати пациенти на 85-годишна и 53–годишна возраст се пријавени од лекарите до Агенцијата за лекови МАЛМЕД, за испитување за можна поврзаност на нивната смрт со приемот на вакцина против Ковид. Еден од пациентите имал повеќе коморбидитети и дијабетес, кој нередовно го контролирал. Пријавите се само сомневање и не значи дека вакцината ја предизвикала смртта. Додека не се потврди, се сметаат само за недокажани сомневања. И двајцата не се починати веднаш по прием на вакцина. За едниот пациент Хаџихамза рече дека починал две недели откако примил вакцина. Повозрасниот пациент примил АстраЗенека, помладиот Фајзер. Овие два случаи понатаму се дадени на испитување на Институтот за јавно здравје, а е пријавува и до светскиот мониторинг центар УПСАЛА во Шведска и секако до производителот.
– Не е докажано дека пациентите починале од вакцините, туку е сомнеж за несакан ефект. Понатаму обработка е во ИЈЗ. Има иницијатива за формирање на посебна Комисија за несакани ефекти, која во детали ќе анализира и ќе дава конечни извештаи дали одредена реакција е од вакцината или не. Нагласувам дека пријавите во МАЛМЕД се сомнежи за несакана реакција. Кога еден лек или вакцинација ако се пријави несакано дејство, не значи дека е последица на вакцината или лекот, рече Мерјем Хаџихамза, која е дел од работната група за следење на несаканите ефекти во МАЛМЕД.

Како што објасни Хаџихамза, за тоа да се потврди, треба да се испитуваат голем број на параметри – кој бил пациентот, од што боледувал, какви лекарства прима, се прави комплетна обработка да се види дали е врзано за примената вакцина.
– Генерално процентот на несакани ефекти во однос на аплицирани вакцини е далеку мал, што не задира во здравјето на граѓаните, рече директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани на онлајн разговорот со новинари организиран од НВО инфоцентарот.
Во Центарот за пријава на несакани ефекти има регистрирано 133 пријави од страна на лекари, 88 од фармацевти, 10 од други здравствени работници и 13 пријави од граѓани преку формуларот за пријава на несакани ефекти на интернет страната на МАЛМЕД.

Шабани не откри точно колку дози на вакцини се уништени, но конкретизира дека се работи за пратки на Фајзер, Синофарм и АстраЗенека. Како и лековите и вакцините се уништуваат поради три причини: Поминат рок, промена на карактеристиките или отстапка на ладниот ланец. Што се однесува до ладниот режим, вакцините од местото на испорака до доставувањето имаат апарат кој ја следи секоја промена на температурата и точно се знае режимот во кој се чувани, појасни Шабани.

Во однос на контролата на вакцините, од МАЛМЕД објаснија дека се прави проверка, односно контрола на пропишаните карактеристики на Медицинскиот факултет и Институтот за јавно здравје.  Меѓутоа, се земаат лекови и вакцини кои се одобрени и проверени во ЕМА, СЗО и други светски признати организации.

-Што се однесува до вакцините, ниедна земја во регионот па и кај нас не може да ги испитува до толку детално, но сакаме во максимум во нашата надлежност да бидеме сигурни во нивниот состав и безбедност, рече Шабани.

Лековите кои се употребуваат во лекување против ковид, кај нас се набавуваат сите што се одобрени. За лекот молнупиравир се’ уште се преговара. Тој лек е во Американската агенција за лекови, се чека одговор. Шабани рече дека имаше период кога граѓаните сами набавуваа лекови, кои помагаат во лекувањето на ковид од соседните земји како Грција и Косово, меѓутоа нема голем нелегален увоз на лекови. Аптеките редовно се контролираат.