Јавното претпријатие Национални шуми и годинава ќе потроши милиони евра за сеча и дотур на дрва, иако тоа е основната дејност за која што и ова државно претпријатие е формирано.
До сега се склучени 160 договори, а за тоа приватни фирми кои треба да сечат и транспортираат дрва за јавното претпријатие ќе добијат 3,2 милиони евра. Планот на државата компанија е годинава за шумарски услуги да се потрошат вкупно 5,4 милиони евра. Ваквата пракса менаџментот на јавното претпријатие постојано ја правда со обраложение дека нема доволно сечачи на дрва и камиони за транспорт, па затоа работата се препушта на приватни фирми.
Иако имаше обиди и планови да се набават транспортни возила и да се вработат лица за тоа, сепак секоја година се повторува истата пракса- пак бизнисот оди во приватни џебови.Станува збор за 160 договори склучени со приватни компании од целата земја. Иако голем дел од договорите се склучени во јуни годинава, сепак тие дури сега се објавуваат на страната на Бирото за јавни набавки.
Меѓу компаниите со најмногу договори се Бено Комерц – Компанија Авдиќ од Скопје, има 3 договори вредни 99.000 евра, Арничко Транс од Кавардаци со три договори во ведност од 106.000 евра, Даниго од с. Дедино Конче има 4 договори вредни 91.000 евра, на Пуцко Комерц Компани од Пласница договорите тежат 115.000 евра, потоа Југо Дрво Шпед од Куманово со договори вредни 99.000 евра, Транс Вуд од Виница, Сабо транс од Велес, Јанески транс од Крушево и уште многу други компании кои имаат договори кои тежат по околу 100.000 евра.
Дел од договорите пак според документите објавени на Бирото за јавни набавки се раскинати, бидејќи компаниите не ги исполнувале обврските.
(А.С,)
Фото: kurir.mk