Од денес стапи на сила забаната за пластични кеси, а за граѓаните ќе бидат достапни само биоразградливи кеси кои ќе чинат 15 денари и тие средства ќе бидат наменети за специјалниот фонд за животна средина.
Да нема недоразбирање во јавноста, тоа се истите кеси кои и до вчера ги продаваа сите големи маркети низ земјава, аптеките и останатите продавници, а на нив пишуваше „биоразградливи кеси“. Но, за разлика од вчера кога кесите чинеа еден до два денари, од денес ќе се наплаќаат по 15 денари.
Затоа синоќа маркетите не дозволувале купувач да купи повеќе од десет кеси затоа што наместо десет денари, маркетот денес за истата количина ќе заработи 150 денари.
– Не ми дадоа повеќе од десет кеси да купам. Имаме торбички од платно, не е проблем да си пазариме со нив. Но, сакав да си купам кеси од маркет кои ги користам за собирање на ѓубрето од дома. Ќе чинеле 15 денари за да не одвратат од купување на истите. Па, нели се биоразградливи, зошто да не одвратат? А, познавајќи си го народот кај нас, можеме да очекуваме некој да ги истури ѓубрето пред контејнер или на улица и торбата или кесето до 15 денари повторно да си го врати дома. Министерството за животна средина може да си најде друг начин да собира приходи, а не да удри по џебот на народот. И како да бидам сигурен дека овој Фонд ќе се инвестира во животната средина, прашува купувач кој вчера стоеше на касата во еден од најголемите македонски супермаркети, кој на шега додаде:
-За време на Тито купувавме во наши торби или мрежи. Ќе си ги вратиме тие од времето на нашите баби, кажа купувачот.
ММС утрово посети еден скопски маркет и забележа дека граѓаните не купуваат биоразградливи кеси туку си носат платнени торбички.
– Хартиени кеси ставивме во пиљарата кај овошјето и зеленчукот. Оттаму ги тргнавме најлонските и потрошувачите отсега, ако сакаат да купуваат овошје и зеленчук, ќе ги ставаат во хартиени кеси. Од вообичаените кеси што ги користевме до вчера, утрово продадовме само едно. Нема никакви реакции од граѓаните, речиси сите си доаѓаат со торбички – велат на каса од еден скопски супермаркет.
Целта на овој закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна намена, а тоа да биде засновано врз принципот „загадувачот плаќа“.
ММС побара став од министерството за тоа дали смета дека цената од 15 денари која е прилично висока за нашиот стандард, ќе делува негативно врз луѓето. Го прашавме и МЖСПП колку приход очекува министерството за една година, односно колку пари ќе се слеат во тој посебен фонд. Анализи се уште не се направени, но оттаму очекуваат драстично намалување на количината на кеси што ќе се купуваат.
– Целта на овој Закон не е да бидат кесите поскапи, туку целта е да се исфрлат од употреба, да се користат торби за повеќекратна употреба , а доколку се користат кеси да бидат биоразградливи. Цената од 15 денари не мора да го терети буџетот на граѓаните бидејќи е доволно да носат торби за повеќекратна употреба. Со тоа ќе се даде голем придонес кон животната средина бидејќи пластичните кеси за кои стандардот за биоразградливост е пропишан уште во 2013 г. се големи загадувачи на животната околина, имаат долг животен век и се опасни за целиот жив свет (животните, растенијата) – рекоа од министерството за ММС.
Намената на средствата од овој Фонд ќе биде поширока. Од министерството велат дека ќе се инвестира во „иновативни, чисти технологии, во системот за управување со отпад, садови за селектирање, намалување на притисокот врз животна средината и слично“.
Од Министерството очекуваат дека промената ќе биде лесно прифатена.
– Да, очекуваме дека ќе биде прифатено. Се уште е живо колективното сеќавање кога пазеревме со торби на пазар. Сега има многу стимулативни алатки како што се вендинг машините и слично. Нашите сознанија се дека и луѓето се свесни дека тоа не е голем напор, само е добра навика, рекоа оттаму.
На прашањето како министерството очекува намалување на употребата на пластиката кога речиси се што може да собере една биоразградлива кеса е во пластична амбалажа, рекоа дека за ова треба подетално објаснување затоа што областа била посложена.
Од денес ќе биде забранета и пластика за еднократна употреба во угостителските објекти во заштитени зони како Пелистер, Маврово, Шар Планина. Тоа се однесува на пластичниот прибор за јадење, пластичните чаши и слични производи. Но, тука објектот и онака го собира ѓубрето после заминување на туристите. Проблем се оние туристи кои фрлаат пластика во природата.
– Контролата и казните се во рацете на инспекциските служби. Фрлање смет и во заштитени подрачја и надвор од соодветното место и сега не е дозволено – изјавија за ММС од Министерството за животна средина.
Орце Костов
фото: ММС