Изјавите со Северна ги потпишаа советниците на ВМРО ДПМНЕ во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/21 4:21 PM

Изјавите со Северна ги потпишаа советниците на ВМРО ДПМНЕ во Штип

На последниот ден од рокот даден од Инспекторатот за локална самоуправа советниците на ВМРО ДПМНЕ ги потпиша свечените изјави со уставното име Северна Македонија. Сепак, не ја повторија конститутивната седница, туку само ги коригирале изјавите.

Тоа што не беше повторена конститутивната седница е проблем за советниците од коалицијата на СДСМ, кои ја напуштија на денот на одржувањето, кога нивните колеги од спротивниот табор, потпишаа изјави со името Република Македонија.

Деветте советници од коалицијата на СДСМ напишаа известување до Инспекторатот во кое информираат дека нема ги потпишат изјавите додека не се повтори конститутивната седница.

На повторување на конститутивната седница инсистира и Инспекторатот за локална самоуправа, што е и наведено во решението доставено до Општина Штип.

На конститутивната седница на Советот на Општина Штип што се одржа на 1 ноември, советниците на коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и едниот советник на Левица, свечените изјави ги дадоа под старото уставно име – Република Македонија. Советниците од СДСМ ја напуштија седницата и од тогаш не учествуваат во работата на Советот. Тоа беше причина и за вонредна инспекција на Инспекторатот за локална самоуправа, кој наложи изјавите да се коригираат за седницата да се повтори.

Образложението на локалната владејачка партија беше дека изјавите се според Законот за локална самоуправа.