По четири века колонијално владеење, Барбадос стана република. Со инаугурацијата на новоизбраната претседателка Сандра Мејсон, прва во својата историја, малиот карипски остров Барбадос точно на полноќ по локално време стана република, прекинувајќи ги последните врски со Велика Британија по четири века колонијално потчинување.
Новата република се роди со последниот ритам на полноќ – 05 часот по средноевропско време – откако беше спуштено британското кралско знаме и подигнато претседателското знаме на преполниот плоштад на хероите во Бриџтаун. На последната транзиција на тој остров на рајски плажи и рум од монархија во република, присуствуваше и принцот Чарлс, британскиот престолонаследник.
Барбадос на прославата по повод основање на републиката, ја прогласи популарната пејачка Ријана за национален херој во нејзиното родно место Бриџтаун.
Отфрлањето на владеењето на Елизабета Втора, на која и останаа уште 15 кралства – вклучувајќи ги Британија, Австралија, Канада и Јамајка – Барбадос го гледа како последна фаза во процесот на ослободување на демоните од колонијалното минато.
По раскошната музичко-сценска програма надополнета со говори во чест на крајот на колонијализмот, во сенка на зградата на парламентот, Сандра Мејсон ја презеде функцијата како прв претседател на Барбадос.
Раѓањето на републиката, точно на 55-годишнината од прогласувањето на независноста, ги прекинува практично сите колонијални врски што го држеа тој мал остров подреден на британската монархија, откако со англиски брод беше присвоен во далечната 1625 година за кралот Џејмс Први.
Британската кралица Елизабета Втора на новата република Барбадос со топли зборови и посака среќа, мир и просперитет во иднината. Во нејзината порака до Сандра Мејсон и до граѓаните на оваа држава на Карибите, кралицата ја пофали нацијата која има „посебно место“ во нејзиното срце.
извор: rs.n1info
фото: POOL