Штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе потпишат изјава со „Северна“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/21 3:53 PM

Штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе потпишат изјава со „Северна“

Тринаесетте советници на ВМРО-ДПМНЕ во Штип поради добробитта на граѓаните ќе потпишат свечени изјави со уставното име на државата.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов, вели ова ќе го направат исклучиво поради заканата од Државниот инспекторат за локална самоуправа, од каде им рекле дека може да донесат забрана за донесување на прописи, па да настане блокада во Општината.

– Не сакаме да ги ставиме граѓаните на Штип во незавидна состојба, бидејќи жалбата по решението не го одлага извршувањето. Од тие причини ние ќе ги промениме изјавите, но ќе ги искористиме правните лекови кои ни стојат на располагање. Првично до второстепена комисија, па доколку не сме задоволни ќе имаме тужба до Управниот суд, вели Иванов.

Тој посочи дека на координацијата со другите советнички групи во петокот не можеле да изнајдат заеднички јазик, па одлучиле секој да постапи согласно неговото толкување на решението.
Според укажувањето од страна на инспекторот, деветмината советници на СДСМ кои си отидоа од свечената седница ќе потпишат изјава, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја коригираат нивната.

На нашето прашање дали сега повторно ќе се бира нов претседател на Советот и ќе се повторат сите одлуки кои во меѓувреме беа донесени, Иванов вели дека според нив сите одлуките што ги донесле се апсолутно валидни и оние што допрва ќе се донесат ќе бидат исто така.

Државниот инспекторат за локална самоуправа претходно заклучи дека свечените изјави кои ги потпишаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ се спротивни на уставот, а со одлуката на инспекторите опомена заработија штипскиот градоначалник Иван Јорданов и претседателката на Советот, Весна Кожинкова Карагунова.