Тик-ток ги однесе во полиција, приведени три лица за лажни закани за терористички напад – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/21 3:14 PM

Тик-ток ги однесе во полиција, приведени три лица за лажни закани за терористички напад

Три лица биле приведени вчера откако објавиле видеа со лажни закани за можен терористички напад во еден трговски центар во Скопје. „По објавата на двата видеоклипа на Тик ток со, како што е подоцна утврдено, лажни закани за можен терористички напад во еден трговски центар во Скопје на 28.11.2021 во 19 часот, веднаш се преземени соодветни мерки од страна на МВР-БЈБ-Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал/Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, СВР Скопје, и Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика и Агенцијата за национална безбедност“, информираат од МВР.
Полицијата ги презела потребните безбедносни мерки и биле утврдени лицата – можни креатори на лажните видеа.
„Известен е јавен обвинител, по чии насоки се обезбедени наредби за претрес на дом кај Н.С. во с. Студеничани и У.И. во Скопје. При претресот на втората локација најдени се дигитални уреди преку кои се објавени лажните видеа. Приведени се Н.С., У.И., како и неговиот син А.И“, велат од МВР.
Во службениот разговор, А.И. признал дека тој ги изработил и пласирал лажните видеа.
„По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство“„, известуваат од МВР.