Над 60 отсто од граѓаните мислат дека ковид вирусот е креиран во лабораторија, покажало истражувањето на Институтот за демократија – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/21 1:30 PM

Над 60 отсто од граѓаните мислат дека ковид вирусот е креиран во лабораторија, покажало истражувањето на Институтот за демократија

Речиси 65 отсто од граѓаните сметаат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, а 44 отсто се согласни дека бројките на заболените од ковид-19 се зголемувани и се плаќало за да се пријавуваат луѓето дека починале од овој вирус.
Ова се наодите од истражувањето на јавно мислење „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“ спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО).
Миша Поповиќ, раководител на центарот во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на денешното презентирање на наодите потенцираше дека според одговорите од анкетата, кај граѓаните постои висока дистрибуција на прифатливост на теории на заговор.
Дури 46 отсто од испитаниците сметаат дека од авион се прскаат вируси и различни токсиди.
Како што рече Поповиќ, 72 отсто од граѓаните сметаат дека светот го контролираат неколку моќни семејства, односно дека на некои тајни самити во Европа е одлучено за тоа како ќе тече историја, кој ќе дојде на власт и слично.
Исто така, 46 отсто од испитаниците се согласуваат дека климата се контролира со одредени сателити или радари, а од локалните теории на заговор, 44 отсто од испитаниците се согласуваат со тоа дека бројките за ковид болни се зголемувани, поради тоа што се плаќало за да се пријавува дека луѓе починале од ковид, а 46 отсто од граѓаните сметаат дека од авион се прскаат вируси и различни токсиди.
Од малку пониските бројки, во истражувањето се наведува дека 29 отсто од испитаниците сметаат дека не постојат климатски промени, а 57 отсто од испитаниците дека големите медиуми шират лаги.

(МИА)