Голем обожавател на славниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона, кој пред 10 години на своите ќерки-близначки им ги дал имињата Мара и Дона, сега има и син. Тој го добил името Диего.
Валтер Ротундо (39) изјави дека неговата сопруга закажала царски рез на првата годишнина од смртта на фудбалскиот гигант, за да се породи.
– Сè мина според планираното, изјави Ротундо за медиумите.
Ротундо вели дека никогаш не го запознал Марадона, но неговиот херој знаел дека обожавателот ги именувал своите ќерки по него.
– Овој ден, кога толку многу луѓе се тажни поради Диего, тажен сум и јас… Но, се чувствувам малку подобро поради раѓањето на мојот син. Сега, во иднина, овој ден пак ќе биде годишнина од смртта на Диего, но ќе биде и роденден на мојот син, вели Ротундо.
Тој раскажа како Марадона, кога се родиле Мара и Дона пред 10 години, добил слика со девојчињата. Марадона одговорил со фотографија на којашто тој ја држи фотографијата. Ротондо бил толку трогнат од потегот, што ја истетовирал вторава слика на својот грб.
МИА