Си допишувал ли командирот прекувремени часови или се работи за политички реваншизам – Дисциплинска комисија ќе утврдува имало ли неправилности во работата на штипската противпожарна единица – ММС
ММС

Објавено на: 11/26/21 5:31 PM

Си допишувал ли командирот прекувремени часови или се работи за политички реваншизам – Дисциплинска комисија ќе утврдува имало ли неправилности во работата на штипската противпожарна единица

Дисциплинска комисија формирана од штипскиот градоначалник Иван Јорданов треба да утврдува дали имало неправилности во работата на Територијалната противпожарна единица Штип, предводена од командирот Тони Атанасов. Јорданов вели постапувал по добиени дојави од граѓаните, но и од вработени. Сега веќе опозициската партија СДСМ, пак, ваквиот потег на градоначалникот го нарече реваншизам и обид за дискредитација. Командирот на ТППЕ Атанасов, не сакаше да го коментира случајот додека трае постапката и се додека не излезе записникот од комисијата.

Градоначалникот Јорданов поведената дисциплинска комисија ја оправдува со инфромации кои стигнувале до него. Вели дека добил информација оти овде со години не функционирале возилата, а никој не сносил одговорност зошто не се сервисирани и не се во употреба.

– Исто така ме информираа дека едно од возилата кое треба да се користи за гаснење на пожари и интервензии се користело како приватно, службено возило на командирот. Имам и информации потврдени од вработените, дека командирот си пишувал прекувремени часови, рече Јорданов.

Опозициската СДСМ вели дека ова е наголемо враќање на режимското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а за градоначалникот очигледно најважна е пресметката со партиски неистомисленици.

– Дали промените кои ги најавуваа во предизборието за нив се притисоци врз директори, делење отказни решенија, закани и уцени? Само еден од примерите за ваквиот начин на владеење е формирањето на дисциплинска комисија од страна на градоначалникот Јорданов, кој поради партиски интереси врши притисок врз командирот на Територијалната против пожарна единица –Штип, реагираат од СДСМ.

Командирот на противпожарната единица вели бил на комисија, секој ги кажал своите факти и сега се чека на записникот. Дотогаш нема да коментира за случајот.