Неколку македонски портали пренесоа шпекулации од соговорници на дел од бугарските телевизии, дека автобусот во кој настрадаа 45 луѓе, шверцувал нафта и пиротехнички материјали. Наспроти основното правило при известување од несреќи и природни катастрофи дека не треба да се шпекулира, туку да се соопштуваат само информации од официјални лица и институции, во текст на портал на албански јазик се пренесуваат шпекулации дека „во предниот дел на автобусот имало нелегален резервоар со капацитет од 1000 литри нафта што секако влијаело оваа несреќа да се претвори во трагедија“, како што пишува порталот.
Текстот во шпекулациите оди понатаму и пренесува пишување на друг портал и објавува:
„Но, она што најшокантно и неофицијално го открива Инфомакс е дека автобусот превезувал поголема количина пиротехника која пред новогодишните празници би завршила на македонскиот пазар“.
Овие шпекулации понатаму во текстот со ништо не се потврдени, ниту авторот ги проверил со цел да потврди или демантира кај институцијата што ја води истрагата – бугарското Обвинителство.
Демантот стигна од првиот човек од истрагата.
-Таа верзија е иследувана и е категорично отфрлена. Пронајдени се најдени три туби, но во нив има само остатоци од нафта, но тие туби не се ни изгорени. Нема туби со бензин, нема наоди од бензин, други материјали и гориво, соопшти на првата прес конференција од несреќата, директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов.
Шпекулацијата за шверцот ја демантираа и двајца министри во македонската влада.
Министерот за надворешни Бујар Османи ден пред прес конференцијата на бугарското обвинителство соопшти дека имал средба со 4 бугарски обвинители и во разговор со нив тие ги отфрлаат сите шпекулации дека во автобусот имало пиротехнички средства или дизел во автобусот.
Претходно и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека и неговите „првични информации се дека немало туби со гориво во предниот дел од автобусот“.
Оваа шпекулација, која сега и официјално е дезинформација, е една од бројните што излегоа во врска со автобуската несреќа, која е најкатрофалната во Европа по бројот на настрадани во изминатото десетолетие што се случила со автобус.
На ова укажа и бугарскиот истражител, кој ја води истрагата, Сарафов.
„Доста шпекулации кружат деновиве. Во медиумите се појавија 20-тина очевидци на несреќата, а всушност нема ниту еден очевидец. Сакам да го спорам тој поток од дезинформации со објективни информации проследени со податоци, рече Сарафов на прес конференцијата.
Во Кодексот на новинари пишува:
„Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“, стои во член 8.
Во Насоките за етично известување во онлајн медиумите јасно е наишано:
„При известувањето за несреќи, природни катастрофи, епидемии, насилен екстремизам и тероризам, онлајн медиумите ќе бидат исклучително внимателни и ќе избегнуваат објавување сензационалистички наслови и непроверени информации, водејќи сметка да не создаваат дополнително вознемирување и паника во јавноста“.
Оваа автобуската несреќа е најголемата човечка катастрофа, која се случи последните години во Македонија. На испит во јавноста се ставени инстуциите и нивните челници, но и професионалноста на медиумите, кои потфрлија во неколку случаи. Наспроти правилата на етичко информирање, во јавноста беа објавени списоци со имиња. Правилото прво семејствата да ги дознаат информации за состојбата на нивните најблиски не се почитуваше,па роднините свечедоа дека за несреќата во која се нивните најблиски, дознале од медиумите и од Фејсбук.
Повеќе медиски организации повикаа на почитување на новинарските стандарди при известување од ваков вид на катастрофи. Но, тоа не го ослободи јавниот простор од дезинформации, шпекулации и сензационализми.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.