Да застане повторно на нозе и да биде самостојна во сѐ што прави – ова ѝ е најголемата желба на битолчанката, Лидија Ристевска која веќе две децении боледува од мултиплекс склероза. Доаѓањето до вистинската дијагноза и одзело цели три години, иако болеста не ѝ го попречувала секојдневното функционирање. Тринаесет години по дијагнозата состојбата се влошила.
Прогресијата на болеста ја натера оваа жена да побара донации од хуманите граѓани, за да може да замине за Куба на третман со матични клетки. Лидија ја раскажа својата животна приказна за Македонски медиа сервис и ни долови како ваквиот третман би можел да го промени на подобро нејзиниот живот.
Еднаш во Москва и два пати во Белград. Вкупно три пати, Лидија Ристевска (48) била на третман со матични клетки, за да се подобри нејзината здравствена состојба. Заразата со коронавирусот ја влошила нејзината состојба и сега таа е парализирана. Живеејќи го секој ден во инвалидска количка, сѐ што прави, го прави со помош на својата ќерка Ивана и на личниот асистент платен од државата.
„Сите работи ги правиме заедно, ако не можам лично да завршам нешто, таа ми помага. Јас немам потешкотии да комуницирам и да разговарам, но физички не можам ништо да направам, сѐ правам со помош. Живее во близина, односно живееме во иста зграда. Доаѓа и ми помага за се што може, имам и личен асистент преку државата. Тој доаѓа наутро и така денот е исполнет. Асистентот ми помага со одржувањето на домот, хигиената, готвењето ручек. Тој не е медицинско лице, но има поминато обуки и е со сертификат“, вели Лидија.
Докторите ѝ потврдиле дека ковидот е причина за прогресијата на болеста.
„Парализата, проблемите во говорот, проблемите со дишењето и со голтањето… сето тоа е последица на ковидот. Вирусот ја најде слабата точка и најмногу ме нападна таму“, додава Ристевска.
Паралелно таа оди и на физикална терапија во својот град, но за жал тоа не е доволно. За себе вели дека е позитивна и сака да се дружи и да излегува, но тоа секогаш мора да е со придружба. Времето во домот го поминува и во читање, а последните месеци ѝ дава совети на својата ќерка, која во февруари и самата ќе стане мајка.
„Тоа што очекувам да се роди внучето ми е мотив плус да се борам, всушност моментално тоа ми е најголемата мотивација. Како и секоја мајка, така и јас ѝ давам совети на мојата ќерка“, ни изјави Лидија.
Ја вративме наназад, кога дознала дека има мултиплекс склероза. Вели не ни знаела што е тоа и 13 години живеела нормално.
„Јас бев сметководителка, немав некој голем физички напор. Прво почнаа да ми се здрвуваат нозете, цела лева страна, потоа комплетно екстремитетите откажаа. Почнаа проблемите со голтање, со дишење. Се откажав од работа кога почнаа симптомите и ми дадоа инвалидска пензија“, раскажува Лидија.
„Не знаев многу за болеста во тој момент, тогаш многу имав вртоглавици. Не знаеше никој да установи за што се работи. По некое време со испитувања на Клиниката за неврологија во Скопје констатираа дека е склероза ама не знаев со што ќе се соочувам. Тие години бев добро цело време, имав некои лекови на почеток, но немав никакви напади. Тие почнаа дури по 12-13 години. Кога ја дознав дијагнозата, всушност и не живеев со страв, се чувствував добро, сè си извршував најнормално. Не чувствував дека сум болна во тој момент, но сега знам дека се соочувам со нешто доста страшно и треба повеќе внимание луѓето да обрнуваат, да се лечат со време овие болести“, додава таа.
Лидија веќе била надвор од земјава на третмани со матични клетки, но и на рехабилитација со роботика во Ниш.
Таквите третмани во земјава не се достапни, а откако се заразила со ковид состојбата ѝ се влошила. Сега доаѓаат ветувачки прогнози од специјалистите во Куба, кои предлагаат комбинација на конвенционалната и алтернативната медицина.
„Јас им пратив документи на докторите таму за тоа како сум лекувана, но тие предложија повеќе типови лекување – конвенционална терапија и некоја нивна алтернативна, па физиотерапија, психотерапија…Тоа би било комбинација на повеќе методи и таквото лекување би траело околу еден месец. Сето тоа би чинело околу 20.000 евра, сума во која е вклучена и авионската карта. Една карта е 1600 евра, а јас морам да одам со придружба. Лекувањето таму е 18.000 евра, а јас ако одам ќе треба да бидам во карантин една недела. Тоа се плаќа од ден и целото лекување значи би било 20.000 евра“, вели Лидија.
Нејзиното семејство ја нема потребната сума, а од Фондот нема одобрување бидејќи не се работи за операција.
„Бев одбиена и се лекував со донации“, посочува Лидија која повторно се надева на хуманоста на граѓаните.
„Докторите гарантираат, има гаранција дека ќе има подобрување. Понатаму ќе треба сама да работам на себе, но до тој момент имам гаранција. Со таквиот третман ќе бидам самостојна, а вака сум зависна, мора да има некој со мене. Ниедна обврска не можам сама да ја завршам. Сакам да можам сама да бидам, да можам сама да излезам, да прошетам и да си ги вршам сама личните обврски, па здравје и да го чувам внучето“, оптимист е Лидија.
Вели дека луѓето сочувствуваат и ако се соберат средствата навреме таа би заминала за Куба уште следниот месец, за да може конечно да зачекори.
Вања Мицевска