Во тест период е недоградената филтер станица во Штип, кој треба да покаже како ќе реагира комплетниот систем на водата што доаѓа од Хидросистемот „Злетовица“. Различни количини на вода се примаат во текот на денот, со цел да се види подготвеноста на системот. Во меѓувреме, покрај техничката подготвеност, приемот и дистрибуцијата на водата од „Злетовица“ го покренува и прашањето за цената на водата до крајните корисници. Дали приемот на планинската вода ќе ги зголеми сметките за вода на граѓаните, или ќе биде обратно?
Цената на водата за пиење ја одредува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Во цената на водата до крајните корисници, т.е. до граѓаните на Штип, ќе влезе цената на техничката вода што ја испорачува „Злетовица“, како и дополнителните пресметки и преработка и испорачување на водата од страна на ЈП „Исар“.
Според утврдената Методологија од РКЕ, цената на водата од ХС „Злетовица“ до јавните претпријатија е 5,02 денари со ДДВ за кубик, додека во следните две години таа цена минимално ќе се намалува. Во 2022 година, кубикот од „Злетовица“ ќе изнесува 4,95 денари додека следната 2023 година – 4,92 денари. Во вкупната цена на водата за граѓаните ЈП „Исар“ ги вкалкулира и другите трошоци. „Исар“ бараше повисоки цени, бидејќи, како што аргументираше, високи се цените на електричната енергија што се троши за работа на бунарите за вода од реката Брегалница, што е сегашниот систем од каде штипјани пијат вода.
РКЕ според утврдената методологија, определи дека За 2022 година минимална просечна тарифа треба да изнесува 38,05 ден/m3, додека максимална просечна тарифа 40,48 ден/m3.
За 2023 година минимална просечна тарифа 38,90 ден/m3 и максимална просечна тарифа 41,41 ден/m3. Доколку „Исар“ премине на користење на вода од ХС „Злетовица“, тогаш може да добие и поевтина техничка вода и може да калкулира со цената до крајните корисници.
Засега е извесно дека тест периодот ќе трае уште некое време, по што надлежните институции врз основа на анализите и прикажаните резултати ќе одлучуваат кога планинската вода може да влезе во домовите на штипјани.
Објавено на: 11/23/21 3:19 PM