Сопственикот на „Беса транс“ се наоѓа на местото на автобуската несреќа што се случи утрово во Бугарија, а тоа го потврди и Вилма Рускоска, шефицата на ЈО за организиран криминал и корупција. Таа со Љубомир Јовески, републичкиот јавен обвинител веќе е во Бугарија и од местото на сообраќајката со бугарските колеги одржаа прес конференција.
-На самото место на несреќата се сретнав со сопственикот, кусо разговравме и тој ми рече дека веќе 20 години има транспортна фирма и до сега немале никаков инцидент. Тоа е според неговото кажување. А ние ќе ја обезбедиме комплетната докумантација за сите автобуси, кога се регистрирани, кога биле на технички преглед и ќе им ги испратиме на колегите од Бугарија, рече Рускоска.
На новинарски прашање дали сопственикот на „Беса транс“ и кажал колку се нови автобусите таа рече:
-Не го прашав. Тој може сешто да каже. Треба да ги видиме документите. Ние обвинителите повеќе веруваме на документи отколку на исказ на било кој, додаде Рускоска а Јовески ја надополни:
-Документите за автобусот и сопственоста се обезбедени и ќе им ги предадеме на колегите од бугарското ЈО, но многу документи треба да се проучат за да се утврдат фактите и што побргу да се заврши се, особено идентификација на починатите. Сето тоа ќе го водат колегите од Бугарија, рече Јовески.