Хигиеничари, продавачи, општи работници, келнери и шивачи.. Тоа се најбараните занимања во државава моментов, според официјалните податоци на страната на Агенцијата за вработување на Северна Македонија (АВРСМ). Поточно, хигиеничари се бараат 778, продавачи 520, општи работници 320, келнери 256 и шивачи 255. Програмерите се после сите нив, на шесто место според најбарани занимања со најголем број на слободни места, или се бараат 191 програмер на пазарот на трудот, според евиденцијата на АВРСМ, од огласите на домашните компании.
Од друга страна, работодавците најмалку бараат маркетинг агенти, само 42, оператори на машини-43, помошници готвачи-46, касиери-49, шофери на автобуси- 50 и продавачи преку телефон -52. Во исто време, статистичките прегледи на АВРСМ покажуваат дека, најголем број на слободни работни места има во преработувачката индустрија, дури 1.279, во трговијата 1.009, помошни услужни дејности 805 (туристички организации, дејности со недвижности, одржување на згради, заштитни дејности) и во објектите за сместување и сервисни дејности со храна 792. Најмалку слободни места од друга страна, има за производители на стоки и услуги за свои потреби 0 (нула), екстериторијални организации (разни фондови, организации, здуженија) 1, и во јавна управа и одбрана и социјално осигурување 4.
Речиси целата понуда на слободни работни места е сконцентрирана во Скопје, каде се нудат 3.832 слободни места за работа, следи Тетово со 343 и Куманово со 238. А, воопшто не се нуди работа во Крушево, Демир Хисар и Делчево, каде на листата на АВРСМ кај овие градови стои нула работни слободни места.
Со ваква побарувачка и понуда на работни места, може ли македонската економија да се развива и да оди напред и да и конкурира на западните економиии ?