Одолговлекувањето на набавката на јаглен за РЕК Битола, неколку хаварии и инциденти во најголемиот производител на електрична енергија и најавите за повисоки сметки за струја по новогодишните празници, освен сомнеж во капацитетот на земјава да се справи со енергетската криза, внесоа и страв кај граѓаните, не поради тоа што секако ќе плаќаат поскапо, туку дека ќе останат и без основниот енергенс и тоа среде зима.
Од ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) за ММС велат дека количината од 900.000 тони јаглен, најавени како државна помош од Владата, се однесуваат само на потребите за работење на Блок 3 од РЕК Битола (вкупно се 3 Блока), a не на целиот комбинат и дека тие ќе ги задоволат потребите за овој Блок 3 до крајот на грејната сезона 2021/2022 година.
Постапката за набавка на јагленот е се уште во тек, односно во моментов е во фаза на „економско – финансиска евалуација“ и поради тоа од ЕСМ не можат да дадат одговор по која цена ќе биде набавен јагленот за Блок 3, ниту со што ќе се донесе јагленот до Новаци од каде треба да се транспортира до Комбинатот, затоа што тоа било обврска на економскиот оператор.
Цената на меѓународниот слободен пазар на јаглен до 19 ноември ,се движеше околу 150 евра за тон. На прашањето – зошто не се набавил јагленот во летните месеци или порано, од ЕСМ рекоа дека „немало потреба од рана набавка на јаглен“.
Владата многу веројатно ќе се фокусира на засега евтиниот јаглен од Косово кое ги има третите најголеми резерви во Европа. Пред еден месец јагленот таму чинел 8-10 евра за тон, без транспортот, кој ќе биде обврска на снабдувачот од неговиот рудник, па се до РЕК Битола.
На јавниот повик се појавиле и фирми кои ќе снабдуваат јаглен од домашни рудници, но од РЕК Битола не можеа да ни ги откријат имињата на компаниите како и квалитетот на јаглен кој на Македонија и е понуден на повикот.
„Во оваа фаза од постапката, не можеме да дадеме било какви дополнителни информации за понудувачите. Техничката евалуација на понудите од економските оператори што учествуваа на повикот, која подразбира испитување на примероците од јаглен што ги испратија понудувачите, ќе покаже за каков јаглен станува збор“, рекоа за ММС од РЕК Битола.
Јагленот кој го црпи компанијaта од домашниот рудник e нискокалоричен и затоа РЕК Битола додава мазут за потпалување, што дополнително влијае и на производството и на продажбата на струја кон ЕВН која потоа им ја препродава на домаќинствата.
– Јагленот е со соодветна калоричност за блоковите во РЕК Битола. Мазут се користи во фаза на потпалување и во случаи на отстапување во калоричноста – рекоа од РЕК Битола и додадоа дека комбинатот „во моментов не се соочува со недостиг на јаглен за производство на струја“.
Неофицијално ММС дознава дека РЕК Битола година и пол наназад работел само со еден блок кој работел со намален капацитет од 130-135 мегавати на час, наместо со 180 мегавати на час, колку што му е оптималното производство. Од Комбинатот демантираат дека блоковите работеле со намален капацитет, но не кажаа колку дена или месеци точно ќе се произведува струја со моменталните залихи кои ги има РЕК.
“На депонијата за јаглен во РЕК Битола во моментов има околу 200.000 тони јаглен и количините постојано се надоместуваат и зголемуваат како што тече производството на струја бидејќи во рудниците на РЕК Битола се одвива континуиран ископ на јаглен и јаловина“, одговорија од таму.
Електрани на Македонија (ЕСМ) не можеа во моментов да дадат податок кога се планира почетокот на ископување на јаглен од новиот коп кај Живојно, но рекоа дека ги презеле сите чекор за стабилно и континуирано производство на електрична енергија и ресурси во земјава.
Од ЕСМ велат дека не се откажуваат ниту од транзицијата од цврсти, нееколошки енергенси за производство на струја, кон обновливи извори на енергија, што ја утврди Владата со најновата Стратегија за развој на енергиката до 2040, која подразбира и исклучување на првиот блок во РЕК Битола и негова замена со гасна електран, како и затворање на ТЕЦ Осломеј со изградба на фотоволтаична електрана. Но, не кажаа дали ова засега ќе падне во вода поради енергетската криза и поради нереализација на планираите инвестиции во енергетскиот сектор.
Орце Костов