Ден на албанската азбука: Во државава се почитуваат сите различности-посочи Џафери во својата честитка – ММС
ММС

Објавено на: 11/22/21 9:39 AM

Ден на албанската азбука: Во државава се почитуваат сите различности-посочи Џафери во својата честитка

Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка по повод Денот на албанската азбука – 22 Ноември. „Денот на албанската азбука е празник со кој се слави унифицираната азбука, јазикот и писменоста како катализатори на интелектуалното, културното, образовното и секако политичкото издигнување на Албанците, меѓутоа воедно и празник кој има свој значаен удел во највисоките цивилизациски вредности на човештвото“, изјави Џафери во својата честитка .
Според него, јазикот е толку богат и толку вреден колку што се говори правилно, се пишува правилно, се преведува и шири низ светот со должното внимание и индивидуална и колективна одговорност на секој поединец.
„Тоа е моќна алатка која обединува луѓе, идеи и овозможува соработка и напредок и интелектуален, културен и уметнички развој на еден народ, но над сè е идентитетски знак, а Република Северна Македонија е земја во која се негуваат и почитуваат сите различности. Со негување на јазичните и културните разлики, заедно придонесуваме кон зачувување на заедничките трајни вредности и воедно вложуваме во подобра иднина на нашите млади поколенија“, посочува Џафери во честитката.