По денешната средба со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев рече дека било разговарано за неколку проблематики, за кои останува за време на викендот да размислат и во СДСМ и во Алтернатива, но и кај партнерите од владината коалиција.
– Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни. Продолжуваат разговорите следната седмица. Како нешто ќе утврдиме, така и ќе ја информираме јавноста, рече Заев.
На средбата, Заев, рече дека им биле соопштени условите под кои понатаму би продолжиле разговорите.
– Ние ќе ги информираме следната недела за нив. Сите треба да водиме грижа за европската иднина на земјата и тоа е можно ако имаме стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство. Можно идно соработување ќе биде дефинирано, токму врз програмски принципи. Како ќе ги разговараме и договараме, така и ќе ги соопштуваме, изјави Заев.
Разговаравме, нагласи Заев, за многу важни работи и секако треба да се вратиме во партиите, во СДСМ и Алтернатива, но и партнерите.
– Се очекуваат отстапки од сите не само од СДСМ, туку и ДУИ и сите партнери во владата да прават отстапки. Одлуката на крајот од нив може да бида да влезат, а може и да биде да не влезат. Тоа ми е соопштено денеска на средбата. Но, одлуките се носат на органи на париите, изјави Заев по неколкучасовната средба со Гаши во Клубот на пратениците.
МИА