Мажите кои ќе силуваат, ќе бидат хемиски кастрирани – Одобрен новиот закон против силување во Пакистан – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/21 4:23 PM

Мажите кои ќе силуваат, ќе бидат хемиски кастрирани – Одобрен новиот закон против силување во Пакистан

Пакистанскиот парламент го одобри новиот закон против силување што на судовите им дозволува да наредат хемиска кастрација за некои престапници и предвидува формирање специјални трибунали за итни судења, јави ДПА.

Законот предвидува престапниците повратници, криминалците вклучени во групно силување и педофилите да се соочат со хемиска кастрација, казни што групите за правата на човекот и адвокатите ги оценуваат за сурови.

ДПА пренесува дека владините агенции, согласно новиот закон,  ќе треба да основаат база на податоци за силувачите, а судовите ќе треба судењата да ги завршуваат во рок од четири месеци.

Пакистан првпат го спроведе ваквиот закон во декември минатата година и тоа преку претседателски декрет. Парламентот вчера го усвои законот, и покрај критиките од телата за правата на човекот  и повиците на адвокатите за преиспитување на ваквиот тип казни.

Законот се смета за кулминација на националниот гнев и како одговор на групното силување на една мајка пред нејзините деца на еден од главните автопати во земјата. Силувањето и  подоцнежното обвинување на жртвата од страна на висок полициски офицер минатата година предизвика протести и онлајн повици за строг закон.

Двајца осомничени поврзани со случајот беа уапсени и осудени на смртна казна во источниот град Лахоре.

Адвокатот Ризван Кан од Исламабад новиот закон го нарече  „премногу поедноставено решение на еден комплексен проблем за кој треба сеопфатен претрес на целиот систем на кривичната правда“, пренесе ДПА.

МИА